Театарска репортажа од 67. „Стериино позорје“: Драмски театар се врати на старите патеки

Екипата на Драмски театар што гостуваше на „Стериино позорје“ пред македонското знаме поставено на Српско народно позориште во Нови Сад

Драмскиот театар од Скопје со претставата „My name is Goran Stefanovski“ (Се викам Горан Стефановски) во режија на Бранислав Миќуновиќ на 29 мај гостуваше на театарскиот фестивал „Стериино позорје“ во Нови Сад, со што по 31 година се врати на своите стари патеки.

Драмскиот театар имаше одличен прием од публиката на познатиот театарски фестивал „Стериино позорје“ во Нови Сад, Србија. Има повеќе причини за неверојатното гостопримство на целата екипа и од организаторите и од публиката, а пред сѐ, тие се поврзани со некои убави времиња, кога, речиси, на секое доаѓање во Нови Сад ансамблот на Драмски од Скопје освојуваше награди. Но, уште поголема причина за љубопитноста, можеби, беше и предолгото отсуство на Драмски театар од сцените на кои се одржува „Стериино позорје“.

– За Драмски театар многу е значајно гостувањето на 67. „Стериино позорје“ во Нови Сад, бидејќи последната претстава со која сме учествувале на овој значаен театарски фестивал беше уште во времето на Југославија, во 1991 година. Тогаш на фестивалот доаѓаа најдобрите претстави од сите тогашни републики, а ние настапивме со „Медеја“ во режија на Вито Тауфер. Се сеќавам на тоа гостување, бидејќи играв во претставата. Од тие времиња го знам значењето на фестивалот и навистина е од огромна важност нашето гостување годинава, во градот што го памети нашиот театар како ансамбл со врвни квалитети. Во тие времиња редовно сме доаѓале на „Стериино позорје“ и имаме освоено многу награди, а најнаградувана наша претстава на фестивалот беше „Диво месо“ на Горан Стефановски во режија на Слободан Унковски – открива Катарина Коцевска Хаџи Василева, директорка на Драмски театар.

Сцена од претставата „My name is Goran Stefanovski“ (Се викам Горан Стефановски) на Драмски театар

Самото присуство на „Стериино позорје“, сеедно што е во ревијалната програма „Кругови“, што значи дека не се натпреваруваше за награда, е огромен успех за Драмски театар. Публиката во Нови Сад, која преку фестивалот веќе 67 години ја негува љубовта кон театарската уметност и знае што е добра претстава, со големо внимание ја проследи изведбата на „My name is Goran Stefanovski“ (Се викам Горан Стефановски) во режија на Бранислав Миќуновиќ и со овации ги испрати актерите од сцената по завршувањето на претставата.

– Сигурна сум дека тоа што претставата е поставена на текстови на Горан Стефановски беше првиот порив селекторот на „Стериино позорје“ Миливоје Млаѓеновиќ да дојде во Скопје и да ја селектира за учество на фестивалот. Како резултат на настапот во Нови Сад веќе добивме покана на гостуваме уште на два фестивали, на регионален фестивал во Ниш и на фестивалот „Јоакимфест“ во Крагуевац – објасни Катарина Коцевска.

Македонскиот театарски режисер Слободан Унковски беше член на жирито на 67. „Стериино позорје“

Од обемниот каталог на годинашното издание на „Стериино позорје“ може да се извлечат податоците дека на фестивалот учествувале девет претстави работени по текстови на Горан Стефановски, а тој има добиено три „Стериини награди“. Првата од нив е за „Диво месо“ во 1980 година, претстава во режија на Слободан Унковски. Случајно, или можеби не, оваа година член на фестивалското жири за натпреварувачката селекција беше и нашиот најпознат театарски режисер.

– Често сум добивал покани да бидам дел од театарски жирија на различни фестивали, но за овие 51 година, колку што се занимавам со театар, само еднаш сум бил во жири на фестивал МЕСС во Сараево во 1975 година. Потоа не сум можел да ги прифатам поканите поради работата на моите претстави. Но, бидејќи речиси ги изгубивме контактите со фестивалот „Стериино позорје“ во последниве години, помислив дека ќе биде добро да ја прифатам оваа покана и да се видам со луѓето во Нови Сад. Ова е и можност да видам што се случува во театарот во Србија, а преку регионалната програма „Кругови“, во која учествува и македонската претстава, да видам што се случува и пошироко. Мислам дека „Стериино позорје“, сѐ уште, си ги бара своите модел и структура, бидејќи во последниве триесетина години е фестивал на српските театри и нивниот домашен текст, но од друга страна има потенцијал и потреба да се прошири и во регионот, за да може и претставите што гостуваат во ревијалниот дел да бидат вклучени во селекцијата за награди – ни објасни Слободан Унковски, кој првпат беше дел од фестивалското жири на „Стериино позорје“.

Мирослав Радоњиќ, директор на фестивалот „Стериино позорје“

Фестивалот во своето 67. издание се одржа од 26 мај до 3 јуни. Претставите се играа на повеќе сцени, а програмата беше повеќеслојна и распоредена во текот на целиот ден. Детали за начинот на функционирање на фестивалот ни откри Мирослав Радоњиќ, директор на „Стериино позорје“. Првпат почнал да работи на фестивалот во 2005 година и до 2008 година бил директор, потоа од 2008 до 2014 година бил помошник-директор, а од 2014-та до денес е директор на фестивалот.

– Веќе 17 години сум во „Стериино позорје“, но и претходно бев поврзан со фестивалот како соработник од 1997 година. „Стериино позорје“ доживеа многу промени, особено по 1991 година. Пред таа година беше фестивал на југословенскиот театар, но кога се распадна државата беше поставено прашањето што ќе се случува понатаму. Ние се обидовме по 2000-та година, кога ситуацијата малку се нормализираше, да го вратиме значењето што фестивалот некогаш го имаше. Иако сега е национален фестивал на српската драма, сепак, ја востановивме програмата „Кругови“ во која редовно носиме претстави од цела Европа, но проценивме дека нашата публика најмногу сака да ги гледа претставите од регионот. Во таа смисла, мислам дека „Стериино позорје“ е драгоцено и единствено на овие простори – објасни Радоњиќ.

Биста на патронот на фестивалот, Јован Стерија Поповиќ, во холот на Српско народно позориште во Нови Сад

Иако Драмски театар по 31 година се појави на фестивалската сцена на „Стериино позорје“, сепак Радоњиќ објасни дека врската со македонскиот театар не била прекината, туку во изминатите години имало и копродукциски проекти што учествувале на фестивалот, а во жирито биле и актерите Мето Јовановски и Никола Ристановски. Особено му беше драго што годинава Слободан Унковски ја прифатил поканата да биде член на жирито, бидејќи и на тој начин се одржува комуникацијата со театрите и уметниците од регионот, затоа што „Стериино позорје“ секогаш било „место за собирање, за размена на идеи, место каде што слободата на говор, мислење и секој вид уметничка слобода е добредојдена“.

Во однос на темата на годинашното издание на фестивалот „Време тескобе“, Радоњиќ нè упати како полесно да ја преведеме на македонски јазик, објаснувајќи дека „и по две години што ги поминавме со коронавирусот, сѐ уште живееме во многу чудно, не многу убаво време. Се случуваат грозни работи, а почна и војната во Украина, така што сите чувствуваме некаков страв, анксиозност, мачнина на психолошко ниво. Си поставуваме прашања што ќе се случи со нас, не само на овие простори, бидејќи такви чувства носиме од почетокот на 90-тите години, туку со целиот свет. Токму таквото мачно време е нешто што ги поврзува речиси сите претстави што учествуваа на фестивалот. Дури и комедиите зборуваа за работи што не им се пријатни на луѓето и кои предизвикуваат чувство на несигурност, страв и мачнина“.

Претставата „My name is Goran Stefanovski“ (Се викам Горан Стефановски) на Драмски театар беше изведена на 29 мај на сцената „Пера Добриновиќ“ во Српско народно позориште. Покрај актерската и техничката екипа на претставата, која во Нови Сад дојде од Скопје, на фестивалот беа присутни и режисерот Бранислав Миќуновиќ, драматургот Бранислава Илиќ и сценографот Александар Дениќ. Бидејќи сцената во Српско народно позориште беше поголема од матичната во Драмски театар, токму сценографот најмногу внимаваше на нејзината адаптација во новите услови.

Александар Дениќ, сценограф на претставата „My name is Goran Stefanovski“ (Се викам Горан Стефановски)

– Секогаш е големо задоволство да се дојде на „Стериино позорје“, особено што и работата на претставата во Скопје ми беше многу пријатна. Забележав дека луѓето во Нови Сад останале исти, гостопримливи, љубезни и добри, што ми отвори некои стари мемории и навистина ми е драго што со претставата учествувавме на фестивалот. Мојот предизвик во работата на претставата беше прво да се задржи структурата на делата на Горан Стефановски, бидејќи станува збор за седум различни драмски текстови, а потоа сите тие да се обединат во една структура. Најдов едно решение со различни видови светло за секоја сцена и со мракот како контрапункт да ги обединам сите сцени во претставата – објасни сценографот Александар Дениќ.

Преку монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) е создадена авторската адаптација „My Name Is Goran Stefanovski“. Во режија на Бранислав Миќуновиќ, драматург е Бранислава Илиќ, а во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.

Токму спојот на повеќе текстови од Горан Стефановски беше најинтересен за анализа на претставата на Тркалезна маса, која е традиција и практика на фестивалот за секој театар ден по изведбата на претставата. Модератори на тркалезната маса беа театролозите Исидора Поповиќ и Влатко Илиќ. На тркалезната маса учествуваа режисерот, драматургот и дел од актерската екипа на претставата.

Драматургот Бранислава Илиќ објасни како ја направила драмската адаптација на текстовите во еден текст. Таа рече дека за да стигне до финалната верзија на текстот за претставата, претходно хронолошки ги прочитала сите драми на Горан Стефановски. Таа додаде и дека од драматуршки агол, според неа, Горан Стефановски е најголемиот драматург на овие простори.

Иако имала фантастични професори на Факултетот за драмски уметност, сепак за Стефановски кажа дека е најдобар професор за техниките за пишување драмски текстови. Тоа што сакала да го направи со текстот за претставата било да ги открие сите карактеристики на целокупното творештво на Стефановски. Втората одредница била работата со режисерот Бранислав Миќуновиќ, а третата бил самиот Драмски театар, каде се поставени голем број текстови на Стефановски, но целта на новата претстава била да се постават сцени од драмски текстови што не биле поставени во Драмски театар, објасни Илиќ.

Практика на „Стериино позорје“ е за секоја претстава да се одржи тркалезна маса со екипата

Зборувајќи за причините да ја постави претставата на сцената на Драмски театар, режисерот Бранислав Миќуновиќ на тркалезната маса рече дека целта му била многу едноставна и спонтана, а тоа е да направи омаж на својот драг пријател Горан Стефановски и неговото дело. Станува збор за многу интимен и пријателски разлог што потекнува од респектот кон делото на Стефановски. Тој појасни и дека во претставата не сакал да гради карактери, туку да отвори дијалог меѓу актерите, а со тоа да се направи обид да се отвори дијалог и со публиката, бидејќи режисерот е врската помеѓу писателот и публиката.

На прашања за процесот за правење на претставата поставени од модераторите на тркалезната маса, одговараа и актерите Мето Јовановски, Софија Куновска, Биљана Драгиќевиќ-Пројкоска, Игор Ангелов и Саша Димитриевска.

Заедничко чувство на сите што отпатуваа во Нови Сад е дека гостувањето на „Стериино позорје“ не треба да биде само „инцидент“ што се случува на 30 години, туку по можност и да стане практика за секое следно издание на најзначајниот театарски фестивал во овој дел од Европа.

(Репортажата е објавена во „Културен печат“ број 131, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот