Театарска премиера: „Малиџано“ како крик за солидарност во време на очај

Во време на пандемии и војни, режисерката на претставата „Малиџано“, Софија Ристевска-Петрушева, храбро нѐ потсетува да бидеме солидарни и силно да чекориме напред.

Во Народниот театар во Битола на 21 март, со почеток во 20 часот, премиерно ќе се одигра претставата „Малиџано“, авторски проект на режисерката Софија Ристевска-Петрушева. „Малиџано“ е најавена како „претстава за секој еден човек, за секоја една жена, која се обидува да преживее во овој свет на економски кризи, агресивни пандемии, руинирани емоционалности и парадоксални, ужасни војни“.

– „Малиџано“ е крик за солидарност, и повик за човечност. Малиџаното е нашето минато и нашето утре – вели Ристевска за „Културен печат“.

Претставата ги повикува „сите оние што треперат, што одат на психијатар, што лажат, што веруваат, што љубат, што се спротивставуваат, што се борат, што се разочаруваат“. Таа е „ода за жените феминистки, што со сопствени раце го составуваат овој свет, и го туркаат напред, правејќи пат за новите генерации жени, за новите девојчиња и девојки, за новите тинејџерки и студентки, за новите солидарни, борбени жени“. Опишана е како „повик да не ја загубиме храброста“, „повик да се радуваме, во овој толку суров, и во исто време толку прекрасен свет“, „повик да се смееме“, и најважно од сѐ, „повик да живееме“.

Претставата „Малиџано“ се обидува да помогне во „пронаоѓањето на смислата, кога неа никаде ја нема“

Во претставата играат Маја Андоновска Илијевски, Никола Пројчевски, Катерина Аневска Дранговска, Соња Ошавкова, Никола Стефанов, Анастазиа Христовска, Живко Борисовски и Валентин Дамчевски. Текстот и документарните материјали се на Билјана Крајчевска.

„Еј, ај да бидеме реални: да не ја оставаме теглата со Малиџано за да ја јадеме попосле, за наредната зима, за наредната инфлација, за наредната пандемија, за наредната нова љубов, за нареден пат кога ќе се смени владата“, пишува Крајчевска.

Софија Ристевска-Петрушева

Режисерката Ристевска истакна дека претставата се доловува низ чиста комична форма, со примеси на гротеска и иронија, а ни појасни и зошто е насловена токму вака.

– Насловот е „Малиџано“, затоа што малиџаното е гастрономско-социолошки феномен, што во себе ги обединува сите карактеристики на нашето живеење. Малиџаното е симбиоза помеѓу иронијата и трагедијата, а зборот малиџано мене ме асоцира на рингишпил и на Италија. Ме асоцира на радост – вели Ристевска.

„Малиџано“ се обидува да помогне во „пронаоѓањето на смислата, кога неа никаде ја нема“, како и во „поттикнувањето на добрината, за што повеќе да нè има“. Опишувајќи ја како претстава „за свадбите, за грешките, за љубовите, за љубовниците, за поривите, за циклусите, за семејствата, за нашите деца, за нашите мајки, за нашите тела, за нашите права, за нашите стравови, за нашите ставови, за непреспаните ноќи“, Ристевска појаснува дека во фокусот се неколку теми: борбата за родова еднаквост и женски права, менталното здравје и капитализмот. За таргет-публиката, вели дека „претставата има што да каже на секој еден граѓанин што ќе оддели 90 минути за театар и ќе влезе во нашиот салон“.

– Приказната се врти околу свадбите, мајчинството, женското тело, менструацијата, и уште мал милион други случки, што го определуваат нашето секојдневие – открива таа.

Бидејќи претставата е опишана како „повик да живееме“, ја прашавме оваа исклучително храбра и талентирана режисерка дали има впечаток дека ова се изгубени времиња и празни живеења.

– И покрај тоа што ова не се баш „најидеалните“ времиња за позитивно живеење, тој нагон за преживување и за самоиронија ќе ни помогне да продолжиме напред. Да се бориме и да победиме! – заклучува Ристевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 121, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот