тајванска армија фото EPA/RITCHIE B. TONGO

Тајван го забрзува развојот на систем за противвоздушна одбрана поради закани од Кина

Тајван ќе го забрза развојот на системот за противвоздушна одбрана, наречен „Тајвански штит“, поради воените закани од Кина, изјави денеска тајванскиот претседател Лаи Чинг-те, пренесува Ројтерс.

Во говор по повод Националниот ден на Тајван, Лаи рече дека ќе се зголемат и воените расходи на островот.

– Зголемувањето на одбранбените трошоци има своја цел. Тоа е неопходно за одвраќање на непријателските закани и е движечка сила за развој на нашата одбранбена индустрија, изјави тој.

Лаи го нарече Тајван „светилник на демократијата во Азија“ и рече дека „демократскиот Тајван ќе се стреми да го заштити мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, како и да го промовира регионалниот просперитет и развој“.

Тајван војници / ФотоEPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Кинеската војска редовно испраќа воени авиони и бродови во близина на Тајван, а во последните неколку години организираше повеќе големи воени вежби околу островот.

Лаи изјави дека неговата влада ќе воспостави строг одбранбен систем со висока способност за детекција и ефикасно пресретнување, а Министерството за одбрана на Тајван претходно неделава соопшти дека обучува војници за уривање на дронови и настојува да набави системи за неутрализирање на дронови како одговор на кинеските закани.

Кина и Тајван имаат одделни влади од 1949 година, кога по граѓанската војна под водство на комунистичкиот лидер Мао Це Тунг беше основана Народна Република Кина.

Поразените единици на Националистичката партија по војната избегаа на островот Тајван, каде што формираа сопствена влада, додека Кина и понатаму го смета островот за своја територија.

Националниот ден на Тајван, кој се одбележува денеска, го слави востанието во Кина во 1911 година, со кое беше соборена последната царска династија во земјата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот