Светот во хаос – зошто?

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Учесниците во војната се уморни и продолжувањето на војната е беспредметно, особено што ембаргото не дава резултати и крајно време е завојуваните страни да престанат да го трошат арсеналот на залихи и арсеналот на нови оружја.

Во последните неколку години светот се бори со епидемијата од коронавирусот, а од февруари, по нападот на Русија врз Украина, влезе во невиден хаос на светско ниво. По ембаргото на Русија од страна на Западот како виор се појавија: енергетскиот хаос, растот на цените, на енергијата, на храната, на услугите и јасно како последица доаѓа инфлација и рецесија, а сето тоа води кон хаос на светско ниво.

По завршувањето на Втората светска војна и периодот на Студената војна и по распадот на комунизмот во светот се водеа повеќе војни: корејската, виетнамската, авганистанската, иранско-ирачката, блискоисточната и сириската, и последната, на Обама – Јемен, Египет, Либија и Украина. Сите овие војни, по повеќегодишни борби, трошење на огромни ресори и животи, завршија со преговори и компромиси. Сите тие војни беа со тотално промашена геостратегиска цел, а од сегашна позиција погрешно почнати, водени и завршени.

Сегашната војна меѓу Русија и Украина не е стратешка

Сегашната војна меѓу Русија и Украина не е стратешка, ами од заостанати територијални и национални проблеми од поранешниот Советски Сојуз. Да ни биде појасно, тоа го имавме со распадот на Југославија, каде што четири години Срби, Хрвати, Срби од Босна и Хрвати од Херцеговина се колеа меѓу себе, за среќа не се вмешаа Словенците и Македонците. Западот не сакаше да сфати дека ќе следува и слично сценарио и во Русија. Во Советскиот Сојуз имаше многу мали и средни држави, а најголема беше Русија. Руските луѓе во заедничкото работење со сојузните држави доста од нив живееја и работеа во другите републики. Во еден миг, Советскиот Сојуз се распадна и се преточи во Руска Федерација, се откажа од комунизмот и голем број руски граѓани останаа во отцепените држави, како во: Молдавија приближно 800 илјади, Украина – девет милиони, во Балтичките земји – Литванија, Латвија, Естонија – околу 15 до 20 отсто се Руси, во Казахстан 2 милиона итн. Сите овие руски граѓани сакаат да си живеат во матицата Русија.

Западот војната на Русија со Украина ја искористи со договорот постигнат во Минск 2015 година, место да го реализира и заврши судирот, тие го издигнаа од локален до стратешко ниво меѓу Западот и Русија, сугерирајќи ѝ на Украина да го одолжува извршувањето со ветување „ќе ве примиме во НАТО, во Европската заедница“ , развивајќи стратегија дека Украина е идеална за НАТО да ѝ дојде на Москва на дофат од ракетите од среден дострел. Русија сфати дека Западот, воден од НАТО и САД, свесно го влече извршувањето на договорот и се одлучи да ја прифати најлошата варијанта, односно војна. Да ја погледнеме светската ситуација пред почнувањето на војната: светот достигнал популација од осум милијарди луѓе, групирани во три групации. Тратата групација ја составуваат најсиромашните земји – Африканскиот континент, Јужноазискиот потконтинент и Јужноамериканскиот континент, кои заедно сочинуваат околу 3.6 милијарди популација и заеднички ГДП 15 отсто од светскиот ГДП. Лари Финк, oсновачот на најголемиот фонд за храна „Блек рок“, изјави дека поскапувањето на цените на храната поради поскапувањето на енергенсите може да биде погубно за овие најсиромашни земји во светот.

Втората групација на земји на кои им е заедничка цел развој за иднината, тоа значи економска развојна групација – БРИКС – ја сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Унија, со популација од 3,3 милијарди и ГДП од 35 отсто од светскиот ГДП. Во последните денови пристап најавија и Саудиска Арабија, Египет и Турција. Оваа економско-развојна групација, потпирајќи се на руските сибирски суровини, што во светски размери на рудата за металите е 32 отсто, енергенсите: јаглен, шкрилци, гас, нафта, ураниум е 38 отсто, обезбедува мирен светски развој без да зависи од западните развиени земји и е во состојба да произведе роба за шест милијарди популација.

Првата групација ја составуваат најразвиените земји во светот со популација од 1,1 милијарда, а ја сочинуваат: Северна Америка, со Канада и Австралија, како и Европа, со процент од 45 отсто од светското ГДП. Оваа групација е мотор на светската економија и контролира сè од Обединетите нации, Советот за безбедност, Светската банка, Монетарниот фонд, УНЕСКО, па и базната платежна валута во светот е доларот. Ги држи берзите под своја контрола и на крај се грижи за мирот во светот, но за мир што ним им одговара и им угодува. Нејзината сила е базирана врз трите главни компоненти на сила: најголемата економија на светот е економијата на САД, втората по големина економија е европската и – на крајот – Северноатлантскиот воен сојуз НАТО. Американската економија водена од американскиот капитал е најагресивна, но и најпрогресивна, таа доаѓа и донесува: идеја, технологија, знаење, опрема, инвестиции, а зема само профит. Произведува додека растот на сатниците не го загрози профитот. На овој начин се создадени економските гиганти – Јапонија, Филипини, Тајван, Јужна Кореја и во моментов кинеската производна машинерија. Додека европскиот капитал е многу пресметан и растот го базира врз основа на увезената работна сила, на која ѝ се зема заработката со исплаќање пониски сатници, продавање стари коли, станови под кирија, социјалното останува во Европа, троши за живот и др. На пример, Германија има 12 милиона увезена работна сила на привремена работа. Третата снажна компонента НАТО функционира преку јастребите, лобистите и производителите на оружје и го држи светот на работ на војни, само и само воената индустрија да произведува и ако го погледаме буџетот за наоружување, ќе ни стане сè јасно, САД – 780 милијарди, цела Европа – 400 милијарди, Кина – 220 милијарди, што значи мора да има војни за да може воената индустрија да произведува.

Неуспешен блицкриг

Полека но сигурно НАТО станува светски полицаец и предизвикувач на војни, особено што сега почна да се проширува кон Далечниот Исток и Африка, што со други зборови станува моќна воена сила на групата развиени земји САД и Европа. Со ваков распоред на светот и светските популации по групи е започнато недоразбирање, односно војната меѓу Русија и Украина, или подобро кажано – војна на Русија со САД, НАТО, Европа.

Русија по шест години чекање за примена на Договорот од Минск, сфати дека Западот ѝ сугерира на Украина одвлекување на примената и одлучи да оди во војна. Путин како дете на КГБ и израснат во Студената војна, настапи според старите испробани методи од шеесеттите години применети во Унгарија и во Чешка и се одлучи на „блицкриг“, со брз напад да го заземе Киев и да постави своја влада, не за да ја окупира Украина, туку трајно да си го реши источниот проруски дел – стратешка грешка што не му успеа, па официјално го најави Планот Б – постепено со борби освојување на спорната територија, што гледаме дека се случува.

Западот беше шокиран и започна да се организира. Ако беше до НАТО и Америка, ќе се одеше на директна војна и помош на страната на Украина, но Европа балансираше и се започна со остри санкции кон Русија. Русија му одврати со рестрикции кон Западот со енергенси и настана хаос во светот, со раст на цените на енергенсите, раст на цената на храната, инфлација, рецесија, и како војната продолжува станува се полошо. Неколкупати Путин настапи со закани од арсеналот на Студената војна за употреба на атомско оружје, употреба на монструм ракетата „САРМАТ“ со 12 атомски ракетни глави и други закани од Студената војна, кои останаа само како закани.

Како што војната продолжува, како и зголемувањата на ембаргата со цел да се скрши економска Русија за да седне да преговара по условите на Запад, сè е појасно дека санкциите и ембаргото нема да го решат проблемот. Веќе нервозата кај Западот е видлива, зашто ембаргото не дава резултати, но без согледување на вистинските причини, а тоа е новата прераспределба на моќта во светот како последица на економската моќ на БРИКС, што доведе и до политичка поделба во светот. Дури и поранешниот претседател на Британија Тони Блер пред неколку денови изјави: „Време е Западот да прифати дека ја изгуби доминацијата во светот и мора да почне да се соочува со фактот дека БРИКС е фактор во светот“. И затоа санкциите не можат да го натераат Путин да седне и да преговара под нивни услови. БРИКС со 3,5 милијарди популација не само што не ја осуди агресијата, туку помогна со купување зголемени количини гас и нафта Русија да ги избегне ефектите на санкциите.

Реперкусиите по новата распределба на моќта во светот во долгорочни термини со појавата на БРИКС се големи и тие заслужуваат посебна анализа и согледување. Ние овде ќе се вратиме на заклучокот за завршување на Украинската војна и решавање на хаосот во светот. По мое длабоко убедување, учесниците во војната се уморни и продолжувањето на војната е беспредметно, особено што ембаргото не дава резултати и крајно време е завојуваните страни да престанат да го трошат арсеналот на залихи и арсеналот на нови оружја.

Драги учесници во конфликтот, сфатете дека таму гине народ, војници, се уништуваат градови и стопанства, седнете на маса и преговарајте, завршете го овој конфликт во интерес за смирување на светскиот хаос во мир. Ова е направено во стратешки погрешните војни, кои понапред ги наброив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот