Светот се загрева за преговори, Израел за воен удар врз Иран

проектили техеран израел
Деца позираат на проектили изложени на воен саем во Техеран, Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Иранците го опседнаа Израел со проектили, додека тие седат безбедно во Техеран. Повеќе не се исплати да ги гониме терористите испратени од иранските тајни служби Кодс. Мора да одиме по координаторот, изјави премиерот Бенет.

Израел нема да биде обврзан од каков било договор на меѓународната заедница со Техеран за иранската нуклеарна програма, објави премиерот Нафтали Бенет, индиректно потврдувајќи ги извештаите дека неговата земја се спрема за самостојни „превентивни“ воени удари врз регионалниот непријател.

Идната недела треба да почнат индиректни преговори на претставници на меѓународната заедница и на Техеран за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година, кој практично беше уништен со едностраното отстапување на САД во времето на претседателот Доналд Трамп.

Израелските власти го споделуваат ставот на поранешната администрација на Трамп дека „договорот не го спречува Иран да ги продолжи проектите за развој на нуклеарно оружје. Премиерот Бенет веќе оцени дека „Иран е во најнапредна фаза на својата нуклеарна програма“.

– Соочени сме со сложени времиња. Можно е дека ќе имаме спорови со нашите најдобри пријатели. Во секој случај, дури и ако биде обновен договорот, Израел секако не е потписник и не е обврзан да го почитува – изјави Бенет на конференција организирана од Универзитетот Рајхман.

Израелскиот премиер се пожали и на зачестените „поситни судири со паравоени формации поддржани од властите во Техеран“.

– Иранците го опседнаа Израел со проектили, додека тие седат безбедно во Техеран. Повеќе не се исплати да ги гониме терористите испратени од иранските тајни служби Кодс. Мора да одиме по координаторот – изјави Бенет.

Тој не се закани директно дека неговата земја ќе употреби воена сила против Иран, но ги спомна „кибернетските технологии како голема предност“.

– Иран е многу поранлив отколку што се чини – изјави премиерот.

Егзистенцијална закана

За индиректна, но сериозна закана кон Иран се сметаат и заедничките вежби на воените морнарици на Израел, Бахреин и Емиратите, заедно со американски борбен брод, кои почнаа пред пет дена. Во октомври, пак, вежби спроведе и израелската авијација кај пристаништето Елијат.

Израелските власти издвоија 1,5 милијарда долари за „подготовка на оружените сили за можен удар врз иранските нуклеарни капацитети“.

Израел, кој и самиот поседува нуклеарно оружје, го смета за „егзистенцијална закана“ Иран ако развие ист таков арсенал. Функционери од Техеран, пак, не го признаваат Израел и изјавуваат дека „повеќе не треба да постои“.

Токму на денот кога беа најавени разговорите за обнова на нуклеарниот договор, Иран соопшти дека произвел 25 килограми ураниум збогатен до чистота од 60 отсто, што е пониско од нивото потребно за да биде употребен во атомска бомба, како и уште 210 килограми ураниум збогатени до 20 отсто. Техеран упорно тврди дека збогатувањето на ураниумот е за мирољубиви цели.

Израелски експерти укажуваат дека такви резерви на високозбогатен ураниум имале само нуклеарни сили. Офицери од одбранбените сили сметаат дека со ваква основа, Иран би имал капацитет веќе до крајот на годинава да има доволно збогатен ураниум за да конструира една атомска бомба. За да биде бомбата закана за Израел, би требало да биде „спакувана“ како бојна глава што може да се постави на проектил. Експерти сметаат дека тоа може да биде постигнато за период од 18 до 24 месеци.

– Израел не може да живее во ситуација во која Иранците се сѐ поблиску до создавање бомба и многу скоро ќе мора да одлучи како да го запре тоа. Јас не гледам друг начин, освен со бомбардирање, бидејќи не гледам како Иранците би се откажале од својот сон да бидат заштитени од нуклеарен чадор, што би им овозможило да бидат уште поагресивни отколку што се сега – изјави поранешниот советник за национална безбедност Јаков Амидрор.

Операции „Вавилон“ и „Овоштарник“

Израелските сили најмалку двапати самостојно дејствувале за да го попречат развојот на нуклеарни капацитети на своите регионални непријатели Ирак и Сирија. При операцијата „Вавилон“ во јуни 1981 година со ненадеен напад со борбени авиони беше уништен нуклеарен реактор во изградба во Осирак, југоисточно од Багдад. Во 2007 година, пак, беше спроведена операцијата „Овоштарник“, со која, повторно со авиони, беше бомбардирана локација во регионот Деир ез Зор, за која се сметало дека е „капацитет во кој било можно да се произведе неконвенционално оружје“.

Израел беше обвинет и за атентатот врз главниот ирански нуклеарен научник Мохсен Фахризадех, кој беше убиен близу Техеран од заседа, со рафали од автономен митралез со вграден уред за препознавање лица.

Иранските нуклеарни капацитети се значително подалеку за да се спроведе сличен удар. Авионите мора незабележани да летаат долго преку иранска територија, а воедно да бидат претоварени со гориво за да може да се вратат назад, што значи дека можат да носат само една или две бомби и да бидат сигурни дека тие ќе ја погодат целта, која вообичаено е во тунели длабоко под земјата.

– Сите во Израел добро знаат дека таквиот удар би можел да води во многу сложена војна – додава Амидрор.

Иран одамна се закани дека жестоко ќе возврати на напад врз неговите нуклеарни капацитети. Против Израел може да бидат употребени и конвенционални сили, но мошне поверојатно ќе бидат користени проиранските милиции што ги има насекаде низ регионот – Хезболах со десетици илјади ракети во Либан, разните шиитски милиции во Ирак и во Сирија, бунтовничките хути во Јемен, како и милитантите од Исламски џихад и други групи во појасот Газа.

Наспроти опасноста од општа војна, „јастребите“ во израелското раководство сметаат дека вреди да се преземе ризикот за да се врати иранската нуклеарна програма „барем неколку години назад“.

– Се надевам дека ќе успеат напорите преку дипломатските канали, но сега не им давам големи шанси за успех – вели Сима Шине, поранешна шефица за истражувања во разузнавачката агенција Мосад.

Ганц поддржува „посилен“ договор

Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц изјави дека поддржува „посилен“ нуклеарен договор со Техеран.

– Јас поддржувам договор што ќе биде пошироко, посилно и потрајно враќање на Иран, демонтирање на неговите сегашни способности и ефикасна проверка на неговите капацитети и производство на оружје – изјави Ганц на конференција организирана од дневниот весник „Хаарец“.

Ганц оцени дека Иран „ги опремува терористичките војски и ја извезува својата радикална идеологија, оружје, средства и работна сила на Блискиот Исток“.

– Тие се насочени кон економските ресурси, како што видовме во нападот на (саудиската рафинерија) „Арамко“, ја нарушуваат светската трговија, како што видовме во нападот на улицата Мерсер, ги оштетуваат демократските процеси, како што видовме на изборите во Ирак и уриваат режими, како што гледаме во Либан и Сирија – изјави министерот Ганц.

Ватанка: Иран не сака атомска бомба „по секоја цена“

Израелски експерти се убедени дека наспроти преговорите со меѓународната заедница, иранските тврдокорни лидери немаат намера да се откажат од нуклеарната програма.

Алекс Ватанка од вашингтонскиот Институт за Блискиот Исток, смета дека за Техеран би било идеално „да го задржи капацитетот за развој на нуклеарно оружје, но не и да направи атомска бомба“.

– Иран сака да се врати на договорот за да се намали економскиот притисок врз домашната сцена. Техеран не сака по секоја цена да развие нуклеарно оружје, но и да ја задржи таквата опција – вели Ватанка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот