Светот се соочува со пандемија на недоверба предизвикана од лажните вести

Во Африка општо не ги сакаат вакцините, зашто мислат дека странците ги користат за медицински експерименти, вели првиот човек на Црвениот крст

Претседателот на најголемата хуманитарна организација во светот, Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, ги повика владите и институциите да се борат против „лажните вести“ за вакцините против Ковид-19, кои прераснале во „втора пандемија“, објавија светските агенции.

Франческо Рока, на виртуелен брифинг со Асоцијацијата на дописници на ООН, рече дека „за борба против пандемијата, мора да се победи и паралелната пандемија на недоверба“, објави АП. Тој ги повика владите и институциите да започнат да градат доверба во јавноста за важноста на вакцинацијата. Според Франческо Рока, во целиот свет постои „растечка недоверба за вакцините, а особено за вакцините за Ковид-19“.

Лажните вести сериозна закана за вакцинацијата против коронавирусот

Рока потсети на студијата на Универзитетот Џон Хопкинс спроведена во 67 земји, според која одобрувањето за вакцината значително се намалило од јули до октомври. Кај четвртина од земјите, истражувањето покажало ниво на одобрување на вакцините за Ковид-19 од околу 50 проценти. Во Јапонија, одобрувањето паднало од 70 на 50 проценти, а во Франција – од 51 на 38%.

Франческо Рока истакна дека недовербата не е само „западен феномен“. Според него, студија на Црвениот крст и Црвената полумесечина во осум африкански земји покажала постојан пад на перцепцијата за ризикот од заразување со КОВИД-19. Во Конго, Камерун, Габон, Зимбабве, Сиера Леоне, Руанда, Лесото и Кенија, се повеќе луѓе веруваат дека вирусот не ги погодува младите во Африка, дека болеста ја нема и пандемијата е завршена.

„Во неколку африкански земји, имаме генерален скептицизам во врска со вакцините воопшто, каде се верува дека странците ја користат Африка за медицински експерименти“, додаде Франческо Рока. Тој истакна дека на негово изненадување, некои особено ранливи и маргинализирани групи воопшто не знаеле за пандемијата, наведувајќи го примерот на Пакистан, каде 10 проценти од учесниците во студијата не биле информирани за КОВИД-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот