Судија од тетовскиот суд дели правда и покрај пречкртаните оценки и покачениот просек од студиите на ДУТ

Фото: Слободен печат

Државниот просветен инспекторат, по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) изврши вонреден инспекциски надзор на Правните факултети на постоечките универзитети во државава во однос на документацијата на сите кандидати кои досега биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители при што откри низа недоследности.

Па така во шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители откриен е кандидат со уверение за просек од 8,20, додека во дипломата од Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово имал запишано просек од 7.88, соопшти ДКСК презентирајќи ги податоците од ДПИ. Станува збор за судијата Ељведин Ферати од Основниот суд во Тетово.

-Кандидатот завршил во 2008 година на ДУТ и имал пречкртани 3 оценки, при што се запишани нови, повисоки оценки, а во досието нема нови пријави, записници, барања за преполагање на испити ниту други докази за повторно положување на испитите или ново уверение за завршен испит. За овој случај е известен Јавниот обвинител, рече претседателката Билјана Ивановска која реферираше за овој случај кој го води ДКСК.

И во седмата генерација имало кандидат кој полагал правосуден испит пред да стекне 300 кредити, а во 8-та генерација на Штуловиот универзитет забележан е кандидат кој немал доволно стаж за да полага правосуден испит.

Она што ДКСК не успеа да го провери кој министер за правда им овозможил на 400 кандидати кои имале само 180 кредити, предвремено да полагаат правосуден испит, зошто тие документи Правда ги чува само една година, а Државниот архив не располага со таа документација.

-Сите што биле на функција изминатиот период имаат одговорност за системот што е ваков каков што е и кај што има правила не се почитуват, а каде што се недоречени секој се издигнува над правилата, сепак станува збор за луѓе кои се запишале на академија и кои сакаат во иднина да делат правда, да бидат судии, јавни обвинители, сепак и тие требало да си ги почитуваат правилата и да не се пријавуваат ако не ги исполнуваат условите, оцени претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

Членовите на Антикорупциската комисија изразија жалење што нема податоци каде понатаму отишле тие правници, дали станале адвокати, а не може ниту точно да се определи кои се одговорните министри, иако ги споменаа поранешните Аднан Јашари и Блерим Беџети зошто вакви уверенија од Штуловиот универзитет се во најголем број издавани од 2005 година наваму.

-Вината е и во кандидатите зошто не може да се пријави за Академија некој ако не исполнува услови, значи сака да направи некоја дубара- нагласи Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот