Судии, професори и експерти во работната група што ќе го реформира Судскиот совет

Кренар Лога - министер за правда / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за 2023 година изразува сериозна загриженост за работата на Судскиот совет, пишува министерот за правда Кренар Лога на фејсбук, каде го најави целосниот состав на работната група штп треба да ја подготви реформата на Судскиот совет.

– Поточно, во клучните оценки и препораки од областа на судството, Европската комисија го повикува Судскиот совет да се заложи за заштита на независноста и интегритетот на судиите. Понатаму, се забележува на контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведува во прашање почитувањето на законите и процедурите. Забележани се и заложбите на актуелниот претседател да го ограничи присуството на камери на седниците на Советот, што благодарение на интервенциите на граѓанските организации и Советот на судските медиуми престанаа да бидат пракса. Исто така во извештајот се нотира и ниската доверба на судиите во улогата на Судскиот совет во заштита на судската независност, а согласно оценката на ризикот од корупција во судството, објавена во јуни 2023 година, во која 72% од судиите не се согласуваат со ставот дека Судскиот совет ефективно ја штити судската незавиност – пишува Лога.

Една од причините за испраќање на оценска мисија од страна на Европската унија за работата на Судскиот совет беа и лоцираните слабости во неговото функционирање изминатиот период, додава Лога.

– Со цел да се надминат слабостите истакнати во Извештајот на ЕК за тековната работа на Судскиот совет, како и во рамките на овластувањата на Министерството за правда за подготвување закони од оваа област, денеска формирав работна група за подготовка на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, со претставници од судството, академската заедница и невладиниот сектор – информира Лога.

„Слободен печат“ пишуваше за формирањето на оваа работна група, во која беше најавено и учество на најголемите политички партии, но во составот што го објави министерот Лога нема партиски претставници, а од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да учествуваат.

Работната група ќе ја предводи академик д-р Владо Камбовски, член на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија, а во оваа група ќе учествуваат:
– Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур;
– д-р Бајрам Положани – поранешен судија во Уставен суд и професор по уставно право;
– Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставниот суд;
– Сали Мурати – поранешен претседател на Уставниот суд;
– Беса Адеми – Претседател на Врховниот суд;
– Јелена Кадриќ – претставник во Институтот за човекови права;
– Ивана Петковска – претставник од Коалицијата Сите за правично судење;
– Џемали Саити – судија во Врховниот суд;
– д-р Денис Прешова – професор на „Правен факултет Јустинијани Први“-Скопје;
– д-р Ана Павловска – Данева – професор на Правниот факултет „Први Јустинијан“ – Скопје;
– Ѓорги Радојков – поранешен судија;
– Ивица Николовски – член на Судскиот совет;
– д-р Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
– д-р Беса Арифи – професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
– Шпенд Деваја – судија во Врховниот суд на Република Северна Македонија;
Работната група во својата работа ќе покани и претставници на релевантни тела од судската област, додава Лога.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот