Академик Владо Камбовски ќе ја води работната група за реформа на Судскиот совет

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Дванаесетина членови го потврдиле своето учество во работната група што треба да го реформира Судскиот совет и се очекува потврда од уште неколку члена, по што Министерството за правда ќе го објави конечниот состав. Неофицијално, во оваа работна група ќе учествуваат дел од експертите од групата што го подготвува новиот Кривичен законик и од групата што ги подготвуваше уставните измени, меѓу кои Маргарита Цаца Николовска, Беса Адеми, Јетон Шасивари, Беса Арифи, а се очекува дека во работата ќе ги предводи академик Владо Камбовски. На првата конститутивна седница, која се очекува веднаш по комплетирањето, членовите ќе изберат претседавач и ќе изготват деловник за работата.

Тие треба да дадат предлози за реформа на Судскиот совет со која ќе се надминат слабостите што излегоа на виделина во работењето на ова највисоко тело од правосудството. Од Министерството за правда се со став дека реформата на Судскиот совет е од големо значење и ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во судскиот систем.

Од Судскиот совет велат дека до нив се уште не е стасана покана за учество во работната група.

Од Министерството за правда при најавата за групата воопшто не споменаа дека ќе поканат членови на Судскиот совет, туку најавија дека ќе учествуваат претставници на Здружението на судии, невладиниот сектор, академската заедница, експерти, како и претставници на најголемите политички партии кои треба да обезбедат сеопфатност на целиот процес.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак нема да учествуваат. Како што неодамна изјави претседателот Христијан Мицкоски, оваа влада за нив го изгубила кредибилитетот и нема никаков демократски капацитет, а „министрите треба да ги пакуваат куферите и да се подготвуваат за некои други институции“.

Од Министерството за правда велат дека се уште не го добиле извештајот на Оценската мисија на ЕУ, која летово престојуваше во Македонија и ја разгледуваше работата на Советот, како и законските решенија. Тие брзаат работната група да почне со работа веднаш, а на членовите дополнително ќе им ги достават забелешките од Извештајот на мисијата, кои пак, ќе бидат вградени во конкретни законски одредби со кои се очекува да се надминат лоцираните слабости.

Министерот за правда Кренар Лога откако стапи на функцијата во февруари, практично цело време е во несогласувања со Судскиот совет, кои деновиве преминаа и во отворена „војна“ која и самиот министер не ја негира во јавните настапи. За разлика од него, неговата заменичка Викторија Аврамовска Мадиќ смета дека Судскиот совет има интегритет и легитимитет да одлучува. Таа денеска одговарајќи на прашање во врска со изјавата на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за притисоци врз судиите рече дека нема да коментира ставови и одлуки на судовите бидејќи тоа е мешање на извршната во судската власт. А во врска со тоа дали актуелниот Судски совет има кредибилитет да истражува за политички притисоци рече дека сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судски совет имаат свој легитимитет, интегритет и можат да делуваат.

– Ние гледаме дека во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се подвижуваат процесите – рече Аврамовска Мадиќ.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, завчера не се појави на средбата во Судски совет, која беше иницирана по нејзиното интервју во кое таа изјави дека имала политички притисоци во врска со „оживувањето“ на аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов, а со цел да се врати експремиерот Никола Груевски. Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, пак, рече дека Советот има обврска да ги штити судиите и да обезбеди дека тие независно и самостојно одлучуваат.

Министерот Лога на оваа тема рече дека олигарсите повеќе ги контролираат судиите од политичарите.

– Обвинителите и судиите се повеќе контролирани од олигархијата отколку од политиката – рече Лога.

Неговата најнова критика кон Судскиот совет е во врска со претседателот на судот во Кавадарци Лазар Нанев, за чија работа има повеќе претставки, ама Судскиот совет не постапува по нив. Тој го разреши судијата Нанев од позицијата претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, затоа што од материјалите што ги добива за седниците на Судскиот совет констатирал сериозни наводи за нарушен интегритет на судијата и за состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.

– И покрај фактот што во доставените материјали се присутни сериозни наводи кои укажуваат на нарушен интегритет на судија, како и индиции за можни злоупотреби и евентуални влијанија, отсуствува постапувањето на Судскиот совет – изјави вчера Лога.

Лошата слика во јавноста за Судскиот совет кулминираше пролетоска во април кога поранешната претседателка Весна Дамева беше незаконски разрешена со седум гласа „за“. Ова разрешување предизвика голема бура и повеќе експерти бараа колективна оставка од целиот Судски совет, а академикот Владо Камбовски побара Основното јавно обвинителство да ја земе целата документација на увид и да види дали има елементи за покренување на постапка за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп тогаш во жестока реакција оцени дека Судскиот совет станал нелегитимно тело, па затоа Холандија стави во мирување голем проект за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспрарентноста на Советот кој почна во 2020 година, а треба да заврши во 2024 година.

Основа за критика за разрешувањето беше тоа што нема законска одредба што одредува со колку гласа треба да се разреши претседателот, кој се избира со најмалку осум гласа „за“. Со оглед дека Дамева беше разрешена со седум гласа, постапката за нејзино разрешување по една недела беше повторена на тајна седница, кога наводно беше разрешена со девет гласа „за“.

Оваа нејаснотија во Законот за Судски совет беше повод да се погледнат и другите слабости во законското решение. Втора слабост, што летово повторно излезе на виделина, е што не е одреден цензус за избор на членови на Советот, односно минимален број на судии кои треба да гласат за изборите да се сметаат за успешни, а избраниот член да има легитимитет. Имено, по оставката на член од редовите на врховните судии, летово во јули имаше избори на нов член, на кои од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик гласале 13 судии, од кои мнозинството, седум седум судии дале неважечки гласачки ливчиња.

Трета системска слабост е што Судскиот совет нема рокови во кои треба да одлучува по одредени теми, а тоа се покажа кога требаше да се разгледува зошто не е спроведена концесијата на имот во случајот „Трансмет“. Извештајот за тоа во кои судови заглави концесијата се подготвува со месеци и уште не е готов и презенторан пред јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот