Студентите на Битолскиот универзитет ќе можат да полагаат испити на девет универзитети во Европа и да добијат меѓународна диплома

Фото: Васка М. Младеновска/Слободен печат

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола е првиот и засега единствен македонски универзитет кој стана полноправен член на Европската универзитетска алијанса „Колорс“ која обединува 9 европски универзитети со околу 126 илјади студенти и 12.300 вработени.

Ова значи дека студентите кои студираат на факултетите на Битолскиот универзитет, ќе можат да полагаат испити и на универзитети во Европа, членки на Алијансата и да добијат двојна или тројна диплома во зависност од бројот на предмети што ги положиле.

Притоа, им се дава конкретна можност на младите да не ги напуштаат родниот град и државата и се спречува нивно заминување во странство.

-Ова за нас е историски чин. УКЛО сега важи за европски универзитет. Подобра мерка за спречување на одливот на мозоци и привлекување на студенти, да се запишат на УКЛО не можеме да посакаме, бидејќи студирајќи на УКЛО, на прв, втор или трет циклус, студентите ќе може во наредните четири години да полагаат и на универзитети во Хрватска,Полска, Шведска, Латвија, Италија, Франција, Шпанија, Германија. Визијата за европски кампус постепено станува реалност. Европските алијанси се иницијатива на Европската унија и во иднина се планира да се формираат 60 универзитетски алијанси со околу 500 универзитети членки во кои ќе се добиваат заеднички меѓународни дипломи, заеднички ќе се вршат истражувања итн. Ова вклучува и организација на заеднички студиски програми, а посебно е значајно што студентите можат активно да учествуваат-рече на прес-конференција ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола проф. д-р Игор Неделковски.

Тој додаде дека Европската универзитетска алијанса „Колорс“ е сојуз на иновативни, колаборативни, одржливи и регионални универзитети.

-Станува збор за мошне значаен проект и опфаќа високи критериуми и стандарди со вклученост на сите области од универзитетска дејност. Фактот што во овој проект учествуваат околу 130 илјади студенти и повеќе од 12 илјади вработени кажува за значењето и функцијата на оваа алијанса. Во минатото според законските одредби за соработка со секој универзитет требаше да се потпишува меѓусебен договор а сега всушност како универзитет стануваме дел од сојузот „Колорс“ во кој се девет универзитети со кои непречено соработуваме без никакви проблеми-додаде ректорот проф. д-р Игор Неделковски.

Во Алијансата на европски универзитети „Колорс“, студентите се активно вклучени.

-Студентите се главен фактор во сите тела, како во организацијата, така и во реализацијата на активностите и главен корисник на бенефитите на Алијансата. Во „Колорс“ ни се понудени многу можности. Првата која е интернационална е со Еразмус стипендии за десетина студенти на УКЛО која ќе биде летна школа и во јули ќе се одржи во Падерборн, Германија. Таа ќе биде на тема: „Модел на Обединетите Нации“-рече на прес-конференцијата Борис Гушевски, студентски лидер на УКЛО.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека членувањето на Битолскиот универзитет во Европската универзитетска алијанса „Колорс“ за Битола значи многу од неколку аспекти.

-Го поканив градоначалникот на Падерборн, Германија каде што деновиве се одржа првата официјална средба на членките на Алијансата „Колорс“ и претставниците на универзитетите да бидат гости во Битола, каде ќе може повеќе да го запознаат градот и државата и на тој начин да се воспостават нови партнерства и соработка. Во следните четири години, Алијансата ќе организира бројни активности во кои ќе бидат вклучени повеќе надворешни и релевантни актери кои заедно со студентите ќе се поврзуваат и соработуваат за исполнување на неколку носечки компоненти, како што се: општествена, зелена и дигиталната-рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Инаку, под раководство на универзитетот Падерборн од Германија, Алијансата „Колорс“ обединува 9 европски универзитети а главната цел е да се зајакне соработката на долг рок, да се зголеми меѓународната видливост и да се промовира мобилноста на студентите и истражувачите во Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот