Струјата нема да поскапи, ама данокот ќе се зголеми

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

При презентацијата на Буџетот за 2023 година, министерот за финансии Фатмир Бесими откри дека ќе се зголеми данокот за струја од сегашната повластена стапка за домаќинствата кој сега изнесува 5 проценти на 10 проценти од 1 јануари наредната година, а од 1 јули 2023 година според Закон, ДДВ за струја треба да се врати на 18 проценти

Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека од 1 јануари за домаќинствата нема да има зголемување на цената на електрична енергија, а веројатно таа ќе биде поевтина за малите потрошувачи – фирми и институции за кои има цена одредена од Регулаторната комисија за енергетика. Но, пред една недела се обзнани веста дека данокот за струја ќе се зголеми.

– Сега правиме калкулации за да не поскапи струјата за домаќинствата од 1 јануари. Граѓаните да бидат спокојни, ќе обезбедиме електрична енергија. Ние носиме одлуки што се најповолни за заштита на буџетот, зашто тоа е буџет на секој граѓанин на државата. Кога е поевтино да увезуваме струја, место да произведуваме, тоа и ќе го правиме. Така ќе овозможиме да го заштитиме и државниот буџет и буџетот на граѓаните. Тие до крајот на грејната сезона, за електричната енергија нема да имаат зголемени сметки по 1 јануари, а компаниите најверојатно ќе имаат намалени сметки на електрична енергија. Тоа е добрата вест што ја соопштувам – изјави министерот за економија.

При презентацијата на Буџетот за 2023 година, министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, откри дека ќе се зголеми данокот за струја од сегашната повластена стапка за домаќинствата кој сега изнесува 5 проценти на 10 проценти од 1 јануари наредната година, а од 1 јули 2023 година според Закон, ДДВ за струја треба да се врати на 18 проценти.

По објавувањето на оваа вест пред речиси две недели, вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека „одредено поскапување мора да има, но колку што е можно поблаг да биде ударот кај граѓаните, а тоа е императив на Владата“.

И претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски, кој во неколку наврати во изминативе месеци велеше дека по Нова година ќе мора да има мало поскапување на електричната енергија, завчера во интервју на Радио Слободна Европа децидно кажа дека е против поскапувањето на струјата.

– Јас сум противник да има поскапување на електричната енергија. Прво треба да направиме анализи што се случило во 2022 година, што е планот за 2023 година, а потоа да се носат соодветни одлуки. Она што е особено битно сега е да го видиме влијанието на воведувањето на блоковската структура кај домаќинствата. Верувам дека голем број домаќинства инвестираа и во енергетска ефикасност и во начини на греење што се обезбедува со помала потрошувачка на електрична енергија и таа намалена потрошувачка ќе му обезбеди и на ЕСМ, како компанија што целосно ги обезбедува потребите, да има вишоци на електрична енергија што ќе ги продава на слободниот пазар по повисоки цени. Па, така, доколку остварувал минуси на регулираниот пазар, со тоа што би го продавал на слободниот пазар би си ги покрил тие минуси – изјави Бислимоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот