Стоматолог Илија Караманов: Периодонтити – една од најчестите причини за вадење на забите

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Една од најчестите причини за вадење на забите, особено во младата возраст, се периодонтитите. Тие претставуваат воспаление на потпорниот апарат на забот или поточно на коската околу забот. Во зависност од локацијата се делат на латерални (странични) и апикални (околу врвот на коренот на забот).

Кариесот главна причина

Причина за појава на периодонтитите е повторно кариесот. Кариес што напредува, доаѓа до пулпата (нервот) на забот и го воспалува. Ако таа состојба не се санира навреме, инфективниот материјал од пулпата, преку отворот што се наоѓа на врвот на коренот на забот, како и преку страничните каналчиња, се пренесува во коската и ја зафаќа и неа. Во зависност од активноста на микроорганизмите и од нивниот број, воспалението на коската може да биде придружено без некои позначителни симптоми (хронично) или, пак, со болка и оток (акутно).

Хроничните периодонтити се најчесто мирни во поглед на болка и се дијагностицираат на рендген снимка, каде што ја гледаме разреденоста на коската. Тие можат да преминат во акутни и болката го алармира пациентот да се јави на лекар. Од друга страна, хроничните периодонтити можат да бидат дифузни, без јасна граница, и ограничени, кои ако не се санираат, можат да преминат во цистична формација што се отстранува исклучиво хируршки.

Акутните периодонтити се карактеризираат со силна спонтана болка, болка на допир на забот, чувство на издолженост на забот, болка на допир на коската на местото на проекција на врвот на коренот и како најкарактеристичен знак е појава на оток, кој знае да биде со димензии што го видоизменуваат ликот на болниот. Токму моментот на појавувањето оток, односно одлепувањето на периостот од коската, е опишан како една од најсилните болки кај човекот.

Чести симптоми се и појава на зголемена телесна температура и треска. Ретко, но сепак се случува, воспалението да е во такви рамки, да премине во флегмона, состојба што може дури да го загрози и животот и која бара хоспитализирање и интензивна парентерална антибиотска терапија и вклучување кортикостероиди. Исто така, периодонтитите знаат да претставуваат и фокално жариште во организмот и да бидат причина за појава на воспалителни процеси на мускулот и обвивките на срцето, воспалителни процеси на бубрезите и појава на делумна или целосна алопеција (нагло опаѓање на косата).

Терапија

Терапијата на периодонтитите најчесто е со конзервативни методи, односно со правилно спроведена ендодонтска терапија. Во некои случаи се вклучува и антибиотик. Кај упорни периодонтити, како и во случај кога не може да се спроведе добра ендодонтска терапија, се пристапува кон хируршки методи односно апикотомија (ресекција на врвот на коренот на забот), а како крајна мерка е отстранувањето на заболениот заб.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот