Стојановски: Ако ни се укаже шанса, да го нападнеме местото кое би нè вратило во АБА лигата

фото: Слободен печат/Драган Митрески

МЗТ Скопје Аеродром со триумф над Феникс во Суперкупот минатата сабота и официјално ја почна сезоната, а во пресрет на стартот на новото домашно кошаркарско првенство денеска беше одржана прес-конференција на која присуствуваа тренерот Васко Атанасов и капитенот Дамјан Стојановски.

Младиот стратег на актуелниот македонски шампион, кој има само 29 години и кој ја почнува првата сезона како прв тренер на сино-белите, верува во својот состав и најавува борба за сите трофеи, без да размислува за квалитетот и силата на ривалите.

– Сезоната ја почнавме со пехар во Суперкупот, што секогаш е добро за моралот. Го сочувавме костурот на тимот од минатата сезона, засилен со нови четворица странци и неколку квалитетни домашни играчи. Задоволен сум од начинот на кој ги одработивме подготовките и контролните натпревари, а го имаме составот кој го посакувавме. МЗТ Скопје како најголем клуб во Македонија има една и единствена цел – да ги освои сите трофеи во натпреварувањата во кои учествува. Не размислуваме за противниците, за тоа како и колку се засилиле, туку гледаме само во сопствениот двор и за тоа да одиграме најдобро на секој натпревар – изјави Атанасов.

Стојановски има слични размислувања како и тренерот на составот од Аеродром.

– Добро ги одработевме подготовките, работевме напорно, а одигравме и доволен број контролни средби на кои видовме до каде сме и на што треба во иднина да обрнеме повеќе внимание. Имаме добар тим, спој на младост и искуство, кој ќе има квалитет за да ја продолжи традицијата за освојување пехари. Во АБА2 ќе сториме сè за да се претставиме во најдобро светло и ако ни се укаже можност да го нападнеме местото кое би нè вратило во јадранската елита. Не гледаме во туѓите дворови, а не интересира само нашата игра. Ако дадеме сè од себе, тогаш лесно ќе може да ги оствариме целите – рече Стојановски.

МЗТ Скопје првенството ќе го почне в сабота со гостување кај Кожув (18.00 часот).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот