Стојан Ѓуроски ексклузивно за „Слободен печат“: Раката ми е скршена, ќе паузирам еден и пол до два месеца

Стојан Ѓуроски/Фото: kfsm.mk

Македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на КК Пелистер, Стојан Ѓуроски, беше повреден на скијачките терени во Маврово, во тепачка во која учествувале две групи, една од Косово, а другата од Гостивар. Четворица од косовската група биле на возраст од 14 до 30 години, а четворицата од гостиварската, на возраст од 25 до 41 година, информира МВР.

Ѓуроски одговори на телефонскиот повик на „Слободен печат“ и потврди дека бил повреден во тепачка во Маврово, не сакајќи да зборува многу за деталите од тепачката.

– Добар сум, имам скршеница на десната рака, подлактицата ми е скршена. Успешно бев опериран вчера. Следува пауза од месец и пол или два, за закрепнување. Тоа секако негативно ќе се одрази на мојата сезона. Но, ќе се трудам да се вратам што побрзо и да бидам уште поподготвен кога ќе се вратам – ни изјави Ѓуроски, кој кажа неколку збора и за инцидентот.

– Не би сакал да коментирам поопширно, меѓутоа бевме нападнати, така да кажам, од заседа. Се качувавме по ски-лифтот и тие горе не чекаа со извадени скии, подготвени – вели Ѓуроски.

Дознавме дека групата од Косово ги чекала гостиварци, подготвена за тепачка, поради инцидентот што се случил доле на почетокот на ски-лифтот.

– Не беше ништо специјално, никој не очекуваше да се случи вакво нешто – ни изјави кошаркарот кој е и репрезентативец, еден од адутите на националниот тим во квалификациите за СП 2023.

– Во моментов не знам дали повредата ќе се одрази на активностите со репрезентацијата. Тоа е крајот на февруари, се надевам дека до тогаш ќе се вратам – вели Ѓуроски, кој ни одговори на повикот од болницата „Аџибадем Систина“ каде што лежи и очекува да биде пуштен.

Неофицијално, до тепачката дошла по расправијата што се случила на почетокот на ски-лифтот, поради непочитување на редот од страна на групата од Косово.

На 02.01.2022 околу 18.15 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29),Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, поради сомнение за нивна инволвираност во меѓусебна физичка пресметка, која околу 14.50 часот се случила на ски-терените на Бистра во Маврово. Според пријавеното, во физичката пресметка биле употребени и тврди предмети, а две лица, А.О. и С.Ѓ. се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Сите инволвирани се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот