Старо нови предизвици во културата, директори на културните институции проблем за министерството

Прес конференција на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска/Фото: Влада на РСМ

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска се пофали со двата големи успеси важни за државата и граѓаните – Охридскиот регион останува на листата на УНЕСКО на светско културно и природнно наследсто со исклучителна универзална вредност и прогласувањето на Скопје за Европската престолнина на културата во 2028 година.

Охридскиот регион според одлуката од 45.сесија на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО што се одржа од 12 до 17 септември во Ријад, Саудиска Арабија вклучува заеднички заложби на Република Северна Македонија и на Република Албанија за заштита на Охридското езеро и регионот и најави дека Охридскиот регион ќе остане под буден мониторинг на УНЕСКО за импементација на преземените обврски.

-За да постигнеме успех во тоа неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските и централната власт, и локалната самоуправа, и установите но и граѓаните. Од нашата соработка ќе зависи имплметацијата на посочените мерки за рехабилитација на регионот. Сите обврски се точно адресирани. Многу од препораките се отпочнати, но останува нивната целосна реализација како што е препораката за финализирање на прогласувањето на Студенчишко блато за Парк на природата, а Охридско Езеро за споменик на природата, изготување на нови ГУП за Охрид и Струга, да продолжи адресирањето на проблемот со бесправните објекти и да се осигури дека оние кои се отстранети нема да се обноват но и дека нема да се појават нови, изјави министерката Костадиновска Стојчевска.

Таа повтори дека Комитетот високо го вреднува донесувањето на Стратегискиот план заедно со Република Албанија како потврда за нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и за интензивна соработка со УНЕСКО.

-Иако полека се оддалечуваме од листата на Светско наследство во опасност, не смееме да го изумиме фактот дека само нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион во загрозено светско природно и културно богатство. Ние сме само негови наследници. Едни од многуте пред нас и по нас. Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна”, додаде министерката за култура.

Таа се осврна и на вчерашното доделување на титулата „Европска престолнина на културата за 2028 година” од страна на Европската комисија во Брисел, по вчерашната презентација на апликациите на земјите кои беа во потесен избор за оваа престижна титула.

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска не даде повеќе детали со кои проекти и со колкав буџет конкурирале заедно со Град Скопје за оваа престижна европска титула, но нагласи дека тој проект наскоро ќе го соопшти заедно со градоначалничката Данела Арсовска.

-Уште еднаш покажавме дека културата не треба предмет за поделби туку културата треба да се издигне над сите поделби. Мене ми е драго што Владата и ние како министерство можевме да помогнеме во тој процес и мислам дека ќе претставува само една многу убава приказна и една светла точка во развојот на македонската култура, рече министерката и додаде дека Владата ќе го помогне реализирањето на сите потребни проекти кога тоа ќе се побара од нив.

За Филхармонијата, библиотеката и филмаџиите

Во однос на горливите проблеми со кои деновиве односно во претходниот период се соочуваше Министерството за култура, спорот меѓу Филхармонијата и Џез Оркестарот, кратењето на буџетот на Агенцијата за филм и селењето на тетовската библиотека, министерката даде објаснувања и ги сумираше како обиди за манипулација од страна на повиканите директори и раководни лица со неколку институции од културата.

-Разговарав со филмските работници и им посочив дека буџетот за филм не е скратен, ниту по основ на прераспределбата на буџетските средства ниту по било кој друг основ. Не се замрзнати средства за реализација на тековните филмски проекти туку само оние што не се отпочнати со реализација. Сите пари им се на сметка, а Агенцијата за филм која располага со две сметки, буџетска и сопствена и нема доставено план за исплата до МК, односно тоа го стори на 14 септември, во мое отсуство, иако требаше претходно да достави до министерството по што ние ги исплаќаме средствата. Сите пари им се таму, само не можат да ги видат додека трае расправата во собранието за прераспределбата. Реализацијата од сметката на Агенцијата е помала од 30 посто, сите пари им се таму. Неточно е дека има кратење. Кога тие ќе ги исполнат сите услови за снимање-обезбедени копродуценти, банкарска гаранција, министерството ќе дообезбеди финансиски средства. Ниту еден проект не е загрозен но јас не можам да одговорам за тоа кога директорот на Агенцијата за филм и менаџментот ќе испрати план за исплата, децидна е министерката Костадиновска Стојчевска.

Таа се осврна и на разрешувањето на Управниот одбор и на директорката на НУ Филхармонија Тина Ивановска со која претходно преку јавни преписки се обвинуваа за случувањата во оваа национална установа, при што Иванова тврдеше дека е разрешена поради несогласувањето во просториите на Филхармонија да функционира новоформираната НУ Џез Оркестар, а министерката нагласи дека е разрешена само поради тоа што несовесно менаџирала со државна институција и државни пари, што го потврдиле инспекциските контроли кои Стојчевска ги испратила во Филхармонија. Инспекциите ја проверувале документацијата за настанот „Конвенција на жени“ кој се одржал на 7. мај во Филхармонија и утврдени се низа неправилности во постапувањето од страна на УО и екс директорката Иванова.

-Како се ангажирани лицата кои според нив треба да ја штитат институцијата односно 1 координатор, светло, инженер итн. и нема никаков доказ за тоа колку од нив се искористени за настанот. Не е никако прикажано како и кои се тие, односно од институцијата ни беше кажано дека биле ангажирани вработени лица од установата од страна на организаторот но не постои документација што значи дека директорката го прекршила правилникот на УО. Записникот од јуни на Државниот инспекторат за труд покажува дека организаторот ангажирал лица за да ракуваат и управуваат со опрема на установа која е во државна сопственост и се овозможува евентуално нестручно и несовесно ракување и можност за оштетување на опремата што значи дека директорката дозволила ангажирање на надворешни лица да ракуваат со опремата во Филхармонија несовесно, рече министерката.

Таа забележа и дека фактурата за овој настан која требало да се плати на 3 мај е платена на 16. јуни и заради задоцнувањето не е наплатена затезна камата. „Тоа значи дека се прави оштетување на државниот буџет“, додаде таа.

Костадиновска Стојчевска нагласи дека џез оркестарот требало само привремено да функционира во просторите на Филхармонија кои и во претходните години ги користел, но по формирањето на Националната Установа Џез Оркестар екс директорката повеќе не им дала можност да вежбаат како претходно, со образложение дека им се уништува просторот. Наскоро Џез оркестарот ќе може да се пресели во новите простории и да продолжи со работа, вети министерката.

Опструкции министерството имало и од директорката на тетовската библиотека, откако одлучиле да ја дислоцира привремено библиотеката од една во друга, поголема просторија во Култураниот дом во Тетово, за да може да се отвори и Европска куќа во истиот објект.

-На нова локација ќе се гради нов, современ објект за  библиотеката во Тетово, но дотогаш требаше само да се преселат, но од непознати причини, директорката на библиотеката ги опструираше сите комисии на министерството и обидите да се направи премер и нацрт за просторот во библиотеката, притоа ширејќи лаги и невистини дека ќе се затвори библиотеката, рече министерката Костадиновска Стојчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот