Костадиновска -Стојчевска: Во 2028 година ќе покажеме зошто македонската култура е со европски вредности

Град Скопје ја доби престижната титула – Европска престолнина на културата за 2028 година. Одлуката ја соопшти Куќата на европската историја во Брисел, откако беа претставени програмите на двата града финалисти, Скопје и Будва. „Борбата“ за оваа титула започна уште во 2018 година, и по седум години работа европските експерти ја препознаа вредноста на македонската култура преку програмата со која Градот се претстави под слоганот „Култура над поделба“.
Тимот посветено работеше на културна промоција, претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028. Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, а Европа во годините што следуваат до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста. Нашата визија што победи денес, ги вклучува младите и креативните индустрии, поврзани со еко-практики како иновација во сите процеси и културни настани што ќе се одвиваат 365 дена во Скопје. Програмата почнува да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани, кои ќе кулминираат во 2028 година – истакна градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, по соопштувањето на одлуката.
Кандидатурата претставуваше сложен процес што се одвиваше повеќе години, во кој се вклучија градските и државните културни институции, како и експерти од областа на културата и експерти. Град Скопје доби поддршка од Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, од Владата, од претседателот Стево Пендаровски и од други државни институции.
Министерката за култура на денешната прес-конференција истакна дека заедничката работа на овој проект покажала дека културата може да се издигне на сите поделби од секаков вид, но подетално за сето она што ќе следи до 2028 година, како што рече, ќе соопштат заедно со градоначалничката Арсовска во наредните денови.
Со сите наши институции со сите ресурси влеговме во ова и во 2028 година ќе се покаже зошто македонската култура заслужува да биде признаена како култура со европски вредности и што е тоа што ние како традиција, историја го негуваме. Министерството за култура застана целосно зад оваа апликација, Владата исто така, што значи дека секогаш кога ќе има потреба овој креативен тим за поддршка ние застануваме целосно и со финансиска поддршка и со ресурси. Со градоначалничката Арсовска потпишавме меморандум за соработка со кои се согласивме дека ќе соработуваме на патот до 2028 година, со тоа што Министерството за култура ќе ги обезбеди сите неопходни услови за работа на тимот, просторни, логистички и слично – истакна Костадиновска Стојчевска.
Таа нагласи дека препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на титулата, Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка и дека сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на „Скопје 2028“. Министерката веднаш по соопштувањето на одлуката во Брисел ги повика на креативна мобилизација и независната културна сцена, младите автори, иновативните луѓе од креативните индустрии, невладиниот сектор, туристичките работници, занаетчиите, локалните бизниси, да дадат свој придонес.
И Владата ја поздрави одлуката на Европската комисија со која Скопје ја доби титулата „Европска престолнина на културата за 2028 година“, со став дека ова е успех за македонската култура и признание за влогот на Владата во заложбите за негување на културното богатство и на европските вредности.
Поранешниот градоначалник Петре Шилегов, во чиј мандат започна патот кон престижната титула, смета дека континуитетот во работата води кон успех.
Статусот на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 година е доказ дека само високите амбиции и континуитетот во работата се нешто што на сите може да ни донесе успех, ако знаеме кои се стратешките интереси и внимателно ги одбереме. Благодарност до сите што уште во 2018 година веруваа дека ова е можно и несебично се вложија во овој проект. Благодарност до Министерството за култура што остана упорно и посветено на овој наш заеднички проект. Благодарност до Град Скопје што опстои на овој амбициозен план. И да! Скопје е културна престолнина на Европа во 2028 година!- напиша Шилегов на Фејсбук.
Граѓаните исто така ја поздравија титулата што Скопје ја доби во Брисел, но во своите коментари укажуваат дека освен на културата, треба да се работи на сите други аспекти за развој и позитивна промоција на градот. Во своите коментари посочуваат дека институциите треба сериозно да се позанимаваат со хигиената, транспортот, загадувањето на воздухот и со сите други проблеми со кои скопјани секојдневно се соочуваат во градот.