ССК: Бизнисот, науката и „Еразмус за млади претприемачи” се обединуваат за зајакнување на претприемачкиот екосистем

Во рамки на Глобалната недела на претприемништвото, Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) потпишаа Меморандум за стратешка соработка со цел зајакнување на претприемачкиот и иновацискиот екосистем во земјата и обезбедување поддршка во развојот на младите претприемачи преку користењето на можностите на програмата Еразмус за млади претприемачи, која е една од клучните иницијативи на Европската Унија (ЕУ).

Според ССК, проектот Еразмус за млади претприемачи нуди можност за меѓународна соработка меѓу нови и искусни претприемачи, а професорот Радмил Поленаковиќ, претседател на Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, веќе две години успешно го води проектот во земјава.

-Проектот базира на соработка меѓу помалку искусен со поискусен претприемач низ цела Европа, каде преку директна секојдневна работа младите претприемачи имаат можност да ги зајакнуваат своите претприемачки вештини и знаења, со цел да ги применат при започнување и понатамошно водење на успешни сопствени бизниси. НЦРИПУ им помага на младите претприемачи од нашата држава да најдат соодветен претприемач – ментор во некоја од европските земји каде би сакале да поминат одреден период на учење, но и на нашите искусни претприемачи да го зајакнат сопствениот бизнис преку меѓународна соработка со тоа што кај нас ќе примат млад претприемач на пракса и менторирање од некоја од европските земји – истакна Поленаковиќ, потецирајќи дека преку проектот се покриваат трошоците за престој во траење до три месеци согласно правилата на програмата.

Претприемачкиот екосистем вклучува бројни елементи, но клучниот недостаток, како што наведува ССК, е неискористување на можностите кои се нудат како што е поддршката на ЕУ преку иницијативи како Еразмус за млади претприемачи.

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски, континуирано го поддржува и придонесува во развојот на иновацискиот и претприемничкиот екосистем во нашата земја.

-Улогата на Сојузот е да придонесе за економска стабилност и раст и развој на целото општество преку застапување на интересите на компаниите, нивна промоција, вмрежување и остварување нови контакти. Ваквите проекти се од големо значење за остварување на нашите цели. Со учество во проектот „Еразмус за млади претприемачи”, нашите компании имаат можност да бидат дел од голема европска база на компании и да ги зајакнат своите контакти. Дополнително, пренесувањето на искуства и размена на идеи со млади и амбициозни претприемачи од европските земји придонесува за проширување и подобрување на бизнисот – вели Ангелоски.

Заеднича цел, додава, е да се регрутираат и поврзат млади претприемачи од Европа со искусни претприемачи, компании-членки на ССКМ, како и да се стимулира и поддржува мобилноста на младите претприемачи од нашата земја низ Европа.

-Овие процеси ќе дадат значаен придонес за зајакнување на домашниот претприемачки и иновациски екосистем. Преку учеството во оваа програма се потврдува заложбата за членство во ЕУ и присуството на заедничкиот европски пазар – наведува ССК.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот