Средбите „Скомрахи“ се простор за креативноста, енергијата и пасијата на новите Скомраси

Постер за „Скомрахи 2023“ генериран со Вештачка интелигенција

Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје ги најави новите „Скомрахи 2023“, меѓународни средби на студенти од драмските академии. Од 1 до 5 ноември на сцените на ФДУ ќе бидат прикажани осум театарски претстави и 25 филмови на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран и Германија.

Пред скопската публика ќе се претстават и домаќините – студентите на ФДУ. Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот „СкомрахОФФ“, музичка програма и забави во бифето на ФДУ.

– Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите Скомраси. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на овогодишното издание акцентот го ставаат и на своите „улоги“ во уметноста во новото време, што се одликува со сѐ поголема „улога“ на вештачката интелигенција – посочија од ФДУ.

Отворањето на „Скомрахи 2023“ е закажано за 1-ви ноември, во Драмскиот театар – Скопје, со краткиот филм „Тага“ во режија на Тина Величковиќ и дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на ФДУ.

Целата програма на средбите е објавена на социјалните мрежи и веб-страницата на ФДУ, а публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани.

Средбите се поддржани од ФДУ/УКИМ и Министерството за култура на С Македонија. Програмска директорка на „Скомрахи“ е Слаѓана Вујошевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот