„Специјалниот“ е фаворит за клупата на Тотенхем!? – Слободен печат
СпортФудбал

„Специјалниот“ е фаворит за клупата на Тотенхем!?

Жозе Мурињо веќе го има искуството од Лондон, со Челзи успеа трипати да го освои премиерлигашкиот трофеј.

Португалецот е прв избор да го преземе Тотенхем, после заминувањето на досегашниот менаџер на клубот, Маурисио Покетино.

Како што пренесува „талкСПОРТ“, поранешниот менаџер на Челзи и Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо е на „радарот“ на Спарси.

Вкупно 11 месеци Мурињо е без тренерска обврска, односно тој доби отказ од Манчестер јунајтед во декември 2018 година. Оваа сезона Португалецот работи во „Скај Спортс“ анализирајќи ги натпреварите во Премиер лигата.

Но, можно е повторно да го гледаме покрај терените, „букмејкерите“ веќе го фаворизираат како наследник на Покетино и се очекува наскоро да има итен состанок со претседателот на Тотенхем, Даниел Леви.

За функцијата менаџер на клубот се шпекулираат уште неколку имиња како Масимилијано Алегри, Еди Хов и Јулиан Нагелсман.

„Специјалниот“ веќе го има искуството од Лондон, со Челзи успеа трипати да го освои премиерлигашкиот трофеј.

И во 2007 година беше посакуван од Тотенхем после неговата прва разделба со тимот од „Стемфорд Бриџ“, но се одлучи за друга опција.

Во кариерата имаше големи успеси, титули со екипите Порто, Челзи, Интер и Реал Мадрид. И поранешната ѕвезда на Тотенхем, Клив Ален верува дека Мурињо е прв избор.

– Немам сомнение дека оваа одлука не е донесена набрзина и дека кружат едно или две имиња за преземање на клупата. Едно име на кое веднаш ви текнува е Жозе Мурињо. Карактеристичен е неговиот индивидуален стил, но знае да победува, има големи резултати во тренерската кариера – рече Ален.

Исто така и поранешниот англиски репрезентативец, Дени Милс, очекува Мурињо да биде човекот кој ќе седне на клупата на Тотенхем.

– Мурињо е очигледен кандидат. Долго време овој клуб нема ништо освоено, а Мурињо е победник и кој може да направи големи нешта – вели Милс.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close