Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска конечно за нешто се согласија: Споменикот на Ќосето повторно ќе се постави во Скопје

После пет години откако е тргнат од просторот кај судовите, споменикот на Ќосето повторно ќе се постави во Скопје, овојпат на нова локација на крстосницата на булевар Александар Македонски со улица Беласица, во Близина на Ист Гејт мол.

За враќање на споменикот гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и советниците од Левица на денешната седница на Советот на Град Скопје. Одлуката е донесена со 23 гласа „за“, советниците од мнозинството ја поздравија со аплауз и е една од ретките точки од дневниот ред која денеска доби „зелено светло“ од оние кои досега се поминати.

На гласањето му претходеше расправа помеѓу координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева и советникот Страшо Ангеловски од МААК. Јанчева  посочи дека споменикот е тргнат пред пет години поради тоа што бил дивоградба и предупреди дека е можно тоа повторно да се случи доколку нема дозвола за поставување од Општина Гази Баба. Притоа, како што рече Јанчева, нема објаснување во предложената одлука колку ќе чини изградбата на постаментот на кој ќе се постави споменикот и од кои буџетски ставки ќе се обезбедат пари.

Одговор на своето прашање не доби, но затоа советникот Ангеловски,  од говорницата ѝ порача на Јанчева дека не е пречката во законитоста туку на СДСМ им пречи Ќосето.

Дозволете да го вратиме споменикот на еден македонски деец. Вам ви пречи Ќосето а не законитоста, ви пречи сè што е македонско и сè што асоцира на македонското постоење – обвини Ангеловски.

Идејата и предлогот за повторно поставување на споменикот потекна од градоначалничката Данела Арсовска, која пред неколку месеци најави дека поднела ваква иницијатива до Советот на Град Скопје со став дека нема да дозволи споменикот на македонскиот револуционер да ‘рѓосува по магацини.

Станува збор за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да ‘рѓосува по магацини – соопшти меѓу другото тогаш градоначалничката.

После подолго време споменикот на Ќосето е единствената работа околу која се согласија Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно на денешната седница советниците гласаа против субвенции за „Градски паркинг“, за ЈСП и „Лајка“, не ја потврдија одлуката за итни мерки за заштита на квалитетот на воздухот чие извршување беше запрено со решение за градоначалничката, не прифатија субвенции за еколошки возила за таксистите, ниту кредитно задолжување за набавка на еко автобуси.

Арсовска планира спомениците на Ќосето и на генерал Апостолски да бидат „први соседи“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот