Sotir Lukrovski

Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Карпош: Нудам итно решение за паркингот

Клучот за успех лежи во искрената соработка со сите чинители: граѓаните, советниците, невладините организации и стручната јавност. Нашата визија е Карпош да биде најпосакуваната општина, вели Лукровски

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски е непознат за пошироката јавност, без досегашен ангажман во политиката, но и со големо искуство од раководење во приватниот сектор. Токму последното, смета тој, ќе му биде од голема корист на градоначалничката позиција.

Во интервјуто за Слободен печат, Лукровски вели дека нема да вети ништо што е невозможно, а ветува дека ќе ги слушне потребите на граѓаните. Тој ветува и секојдневна работа и реални резултати.

Кога се кандидиравте, рековте дека Карпош може и дека Карпош мора подобро. Што е тоа што го нудите како подобрување на животот на граѓаните во Општина Карпош?

– Ќе бидам меѓу граѓаните, на улица, во маалото, во заедницата. Ветувам дека вистински ќе ги слушам потребите на граѓаните и ќе постапувам конкретно и со план, сè во рамките на законските можности. Затоа уште веднаш започнавме со теренски посети и од терен прибираме идеи за подобрување на секојдневниот живот. Уште во првата година од мојот мандат нудам решение за паркингот како еден од клучните проблеми на целата територија на општина Карпош. Време е да ги ревидираме хаотичните ДУП-ови, да го заштитиме општинското земјиште и да ги реструктуираме градските зони за подобар живот, здравје и безбедност. Не ветувам невозможни проекти, туку секојдневна работа и реални резултати. Преку зголемување на зелените површини, уредување пешачки коридори и безбедни знаци и рампи за пензионерите и за лицата со попреченост во населбите, ќе го вратиме шармот и квалитетот на Карпош како урбан простор за живеење. Културата е мотор на социјална и економска динамика. Сакам Карпош да биде место каде што уличната уметност, младинските иницијативи и креативните простори ќе бидат двигател за заедништво и за локалната економија. Карпош ќе стане и е-општина – дигитални услуги, отворен буџет, транспарентни јавни набавки. Граѓаните ќе знаат што, како и колку се работи, затоа што заслугата е во чесноста и отчетноста, не во табуата и формите.

Дали и Вие сметате дека општината има проблем со хигиената и дека ќе треба да се посвети големо влијание на чистењето на улиците, парковите и другите јавни површини?

– Апсолутно. Чистотата е основа за здрав и пријатен живот. Никој не сака да живее во загадена средина со смет, особено кога во 21 век луѓето се борат да стигнат што подалеку од вселената.  Се залагам за уредување на парковите, редовно собирање смет, беспрекорно јавно осветлување и замена на загадувачите со мерки за чист воздух. Ова не е само политичка фраза, туку израз на јасна визија што ќе биде преточена во конкретни политики и акции. Карпош мора да биде средина каде што секој ден се чувствува грижа и уредност. Ќе следува раззеленување на јавни простори, развој на маалски паркови, уредување на паркови, развој на јавни простори, ставање во функција на маалските чешмички што сите ги паметиме од детството и уште многу други акции. Да, верувам дека Општина Карпош има сериозен предизвик со јавната хигиена и одржувањето на јавните површини. Многу граѓани се жалат на диво депонирање отпад, неисчистени улици и невнимание за парковите и тревниците. Тоа е голем проблем што бара сериозен и долгорочен ангажман.

Вие доаѓате од светот на бизнисот и немате политички бекграунд. Дали тоа го сметате за предност?

– Да, искуството од приватниот сектор носи ефикасност и одговорност, но најголема одговорност чувствувам кон граѓаните. Соработката со граѓански организации, локални институции и експерти ќе го направи процесот инклузивен и транспарентен. Имам над 30 години искуство во приватниот бизнис, каде што секоја одлука беше резултат од план, анализа и одговорност кон вработените и партнерите. Денес, таа дисциплина ја внесувам и во јавниот сектор, но со јасно чувство дека јавната власт е услуга кон граѓаните, а не кон системот или позицијата. Во мојата визија за Карпош, приватното искуство не е само етикета туку механизам за ефикасна администрација, одговорно трошење и транспарентен процес. Јас немам политички калкулации, не ветувам само она што е можно, туку она што е потребно и што можам вистински да го реализирам. Сакам резултатите да зборуваат, од бизнисот ја донесов културата на отчетно работење и редовно мерење на учинокот. Истата свест, знаење, искуство ги носам тука: секој проект, секое инвестирање ќе има отчет и конкретно резултирање. Како граѓански активист и еден од малкуте кандидати без политичка кариера во партијата, го врзувам искуството од реалниот сектор со јавниот интерес на граѓаните.

Ако станете градоначалник, дали ќе се заложите салата „Партизан 4“ да остане во надлежност на општината?

– Мојата визија за оваа сала е јасна: таа мора да остане јавна, достапна и отворена за сите. Со јасен план за инвестиции и управување, ќе ја претвориме во место каде што младите ќе се спортуваат, старите ќе се дружат, а здрава енергија ќе пулсира преку спортот и активностите. Салата „Партизан 4“ во Карпош не е ниту одземена, ниту ќе биде одземена од општината, таа и ден-денес е на истото место, во Карпош 4. Таа не е само објект, таа е простор за заеднички раст, развој и заедништво. Јас пораснав таму со баскетот и во скоро време ќе ја изиграме и првата партија баскет со синот и неговите другари од маалото. Со посветеност и одговорност, ќе го вратиме нејзиното вистинско значење во локалната заедница.

Дали се надевате на победа во општината во која ВМРО-ДПМНЕ никогаш немала свој градоначалник?

– Секој изборен циклус носи нова шанса за напредок и промена. Клучот за успех лежи во искрената соработка со сите чинители: граѓаните, советниците, невладините организации и стручната јавност. Нашата визија е Карпош да биде најпосакуваната општина. Верувам во наша победа, во победа на граѓаните на општина Карпош. Сметам дека граѓаните ќе ја препознаат мојата порака и ќе ми ја дадат довербата за мандат во кој со тесна соработка со градската и централната власт ќе се избориме за клучни проекти за Карпош. Деновиве знам да кажам дека овие избори за Карпош ќе бидат референдумски, граѓаните ќе мора да изберат меѓу опција што нуди достапност, транспарентност, отчетност, многу работа, наспроти пожолтените паркови, изобилие од смет, високо загадување и градби што немаат хуман карактер. Љубовта што ја нудиме на Карпош треба да биде она со кое вистински ќе се гордееме, не само во изборни периоди, туку секој ден.

Дали ќе седнете на кафе со Вашите противкандидати?

– Секое испиено кафе деновиве ќе придонесе за демократската атмосфера во Карпош, па зошто да не и со политичките опоненти. Деновиве веќе дојде до една случајна средба помеѓу мене и госпоѓата Маја Мојсова, со која од нога разменивме малку мислења и ставови во духот на фер и коректна кампања. Сметам дека секој човек своите лични вредности ги носи прво од дома, и тоа значи да му пристапиш на секој противкандидат со фер и коректен однос. Оние што ме познаваат, знаат дека сум човек што негува долгогодишни пријателства. Токму поради почит кон туѓите ставови, но и поради потребата моите да ги изразам јавно. Важно да покажеме човечност и почит, дури и во политичката трка да бидеме пример за коректна и цивилизирана комуникација. И во иднина, ако се сретнам и со другите противкандидати, нормално е да се разминеме со поздрав и да си посакаме фер демократски избори. Тоа покажува зрелост, личност и пристапни вредности како лидери. Следува кафето, ние сме сите карпошани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот