СОНК се жали на притисоци, штрајкот не го прекинува

Фото: EPA-EFE/EMANUELE VALERI

Посериозни притисоци и проблеми имаме во детските градинки од директорите што ги присилуваат воспитувачите да го прекинат штрајкот и тоа најзабележано беше во Карпош, Центар, Валандово и Гевгелија – рече Јаким Неделков, првиот човек на СОНК.

Во речиси сите македонски основни и средни училишта како и во градинките вчера не се одржуваше настава, откако наставниците и професорите стапија во штрајк за поголеми плати, организиран од нивниот синдикат. Многу мал број ученици дојдоа во своите училишта, каде што нивните наставници беа присутни во канцелариите, но не одржуваа настава. Наставниците сметаат дека родителите се солидаризираат со нивните барања, па затоа не ги праќаат децата на училиште.

Јаким Неделков, првиот човек на СОНК, потврди дека вчера се штрајкувало во сите училишта и градинки во земјава.

– Кон штрајкот се приклучија и голем број наставници што не се членови на СОНК. Првиот ден од штрајкот и масовноста на штрајкувачите е добра порака до надлежните. Посериозни притисоци и проблеми имаме во детските градинки од директорите што ги присилуваат воспитувачите да го прекинат штрајкот и тоа најзабележано беше во Карпош, Центар, Валандово и Гевгелија – рече Неделков вчера на прес-конференција нагласувајќи дека очекува да продолжат преговорите за покачување на платата.

Некои родители ги однеле своите деца на училиште, но се предомислиле.

– Го однесов син ми утрово на училиште, но освен него немаше ниту едно друго дете. Ми рекоа дека не е проблем да го згрижат, но требаше да седи сам во училница, немаше ниту наставник, така што си го земав дома – вели Маја М., мајка на ученик во прво одделение во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“.

Директорката на ова училиште Наталија Делева вели дека таа лично ги примила децата што дошле во училиште и ги однела на појадок.

– Учениците седат со мене и со некој од техничката служба, но голем дел од поголемите ученици од предметна настава што дојдоа утринава и видоа дека нема други ученици, се вратија дома – рече директорката Делева.

Мајка на ученичка од ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода вели дека во училиштето им било кажано дека ќе нема дневен престој, односно децата ќе бидат згрижени до 11 часот.

– Тотална неодговорност! Утрово капијата и вратата од која влегуваат првачињата беше заклучена. Влегов со ќерка ми од друг влез каде што директорот ми кажа дека децата што ќе дојдат на училиште, ќе бидат згрижени само до 11 часот, без можност за останување во дневен престој. Имаше само уште едно дете дојдено на училиште, но мајката одлучи да не го остава во училиште, по што и мојата ќерка беше вратена дома. Како смеат да заклучуваат влезни врати тврдејќи дека децата ќе бидат згрижени – прашува револтирано мајката.

Во градинките состојбата е поделикатна, бидејќи децата нема каде да бидат згрижени ако не одат во градинка. Повеќето градинки вчера ги примаа децата, но не го организираа воспитниот процес.

– Децата што денеска дојдоа, ги згрижуваат воспитувачите што не се во синдикатот и не протестираат. Има голем број деца што не се дојдени денеска во градинка, но тие што дојдоа ќе го добијат истиот третман како кога немаше штрајк – вели Станка Баџакова, директорка на градинката „Весели цветови“.

До редакцијата на „Слободен печат“ стигнаа реакции на родители дека нивните деца не биле прифатени во градинката „Пролет“ во Козле.

Воспитно-образовниот кадар бара зголемување на платата за 18,4 проценти.

– Срамота е просветен работник да зема плата од 25.000 денари. Крајна цел е да се потпише колективен договор, исплата по коефициент на сложеност и бодување. Вистина е дека ни е покачена платата за 21 процент во изминатите 4 години, но тоа не е доволно – вели Благоја Ставревски, претседател на синдикат при ОУ „Лазо Трповски“ .

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека ќе продолжи дијалогот со СОНК.

– Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека штрајкот требаше да биде последен чекор. Имам информации од градови каде што имало ученици што сакале да влезат, но од директорите не биле пуштени во училиштата поради одлука за штрајк. Овие информации ќе треба да ги потврдам со инспекторатите, просветен и трудов – рече министерот Шаќири.

Шкријељ: СДСМ ги зголеми платите во образованието за 21 отсто

Санела Шкријељ од СДСМ вели дека зголемувањето на платите на наставниците треба да се постигне со дијалог, а не со условување. Таа побара од ВМРO-ДПМНЕ да прекине да го политизира штрајкот на СОНК.

– Во изминатите 3 години во три наврати СДСМ ги зголеми личните приходи на наставниците за над 21 отсто. Платите на вработените во градинките се зголемија за повеќе од 21 отсто, што во просек значи покачување од 4.300 денари за негувателки до 5.700 денари за воспитувачките, што е историски најголемо покачување до сега за овој кадар – потсетува Шкријељ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот