Социјалдемократот Олаф Шолц стана нов канцелар на Германија

олаф шолц германија канцелар
Олаф Шолц/ EPA-EFE/CHRISTIAN MARQUARDT / POOL

Олаф Шолц од Социјалдемократите е именуван за деветти канцелар на Германија на кратка церемонија во претседателската палата во Берлин, јави ДПА.

Олаф Шолц денеска ја доби поддршката од германскиот парламент за да ја наследи Ангела Меркел на функцијата канцелар, при што членовите на Бундестагот гласаа со големо мнозинство по партиска линија на тајното гласање.

Шолц доби 395 од 707 дадени гласови, што е многу над потребното мнозинство од 369 гласа во Бундестагот со 736 места.

Неговите социјалдемократи (СПД), заедно со Зелените и про-бизнис Слободните демократи (ФДП), имаат 416 места во новиот парламент, избран во септември. Неколку пратеници отсуствуваа поради болест.

Шолц, кој беше заменик на Меркел и министер за финансии во големата коалиција во заминување, отиде  во палатата Белви во Берлин, каде германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер официјално го назначи.

Неговиот кабинет од левиот центар, составен од осум мажи и осум жени министри, ќе биде првата коалиција од ваков вид на федерално ниво во Германија. СПД има седум членови, Зелените пет и ФДП четири.

Изборите ги доведоа социјалдемократите на чело на германската влада првпат по 16 години, откако Меркел го наследи Герхард Шредер како канцелар во 2005 година. Шредер беше во Бундестагот за да го следи гласањето за Шолц.

Новата коалиција си постави цели за борба против пандемијата на коронавирус и намалување на емисиите на стакленички гасови. Се планира и големо зголемување на законската минимална плата.

Шолц (63) има долга политичка кариера зад себе, како градоначалник на градот-држава Хамбург и министер за финансии и вицеканцелар во кабинетот на Меркел во последните четири години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот