Со женска рака: Поезија на Наташа Сарџоска

Наташа Сарџоска (1979, Скопје) е поет, писател, есеист, антрополог, преведувач и перформер. Докторирала антропологија на Карлс Еберхард во Тубинген, на Универзитетот во Бергамо и на Нова Сорбона во Париз. Авторка е на пет поетски книги: „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“, како и на бројни есеи и раскази.

огнот е моето наследство

се лизгам низ моето грло
врз подјаден мраз

голтам височини
и ми го разоруваат ткивото

но немаат вкус туку печат
месо на суво

на јадица заглавена
вдишувам воздух што не е мој
а и не го ни сакам

вкочанети глаголи од ждрело плукам
заплеткана час во трња час во тиња
и ги враќам потем лузните од мојот грб

не прифаќам ништо
никој не сум
и не сум ништо
и никако не сум
поврзана тука со овој јанган
иако бремена со напалм
ги горам сопствените траги
и си ги лижам раните:

за да излезам од сопствениот бедем

 

пукнатини

тонеме во себе
се излеваме низ себе
во северното море
фјордови сме
од филм на бергман
промашени актери
низ непрегледни тектонски пластови
движења што го одредуваат времето
преправени во слепи заливи
тоги во санаториуми
од себе што се удираат
во себе што се провираат:

кога истапуваш
или отстапуваш
ме изрекуваш
ко пресуда

или конечно
ме убиваш

иако сѐ уште
во тебе
крцкаат:

моите коски

 

(Песни од поетските книги „Крстна коска“)

 

ФОТОГРАФИЈА – Хани Арбид

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот