Со законот против нефер трговски практики ќе има фер плаќања за земјоделците

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во Директивата од ЕУ врз чија основа се прави законот се предвидени рокови за плаќање при откуп на земјоделски производи и договори при откуп на грозје.

Со законот против нефер трговски практики, што го најави министерот за економија Крешник Бектеши, земјоделците може да очекуваат да се регулира рокот на плаќање, така што тој за расиплива стока да не може да биде подолг од 30 дена по предавањето на производите, потоа да не може купувачот еднострано да ги менува договорите за купување земјоделски призводи или да не може во некој неразумен рок да откаже договор за расиплива храна.

Ова се одредби од Директивата на ЕУ 2019/633 врз чија основа треба да се регулира прашањето за нефер трговски практики.

„Задоцнетите плаќања за земјоделски и прехранбени производи, вклучително и задоцнетите плаќања за лесно расипливи производи, и краткорочното откажување на нарачките на лесно расипливи производи, негативно влијаат врз економската исплатливост на добавувачот, без да се обезбедат неутрализирање. Затоа, таквите практики треба да бидат забранети. Во тој контекст, соодветно е да се обезбеди дефиниција за расипливи земјоделски и прехранбени производи за целите на оваа Директива“, пишува во европскиот документ.

Директивата на ЕУ ги предвидува и роковите на плаќање и за земјоделските производи што не се расипливи и како за останата храна.

„Со цел да се обезбеди зголемена заштита на земјоделците и нивната ликвидност, добавувачите на други земјоделски и прехранбени производи не треба да чекаат за плаќање подолго од 60 дена по испораката, 60 дена по завршувањето на договорениот рок на испорака каде што производите се испорачуваат редовно, или 60 дена по датумот на кој е утврден износот што се плаќа“, пишува во оваа Директива.

Таму има и посебен дел за грозјето и се оценува како добра практика склучувањето на договорите што се обврзувачки во земјите членки на ЕУ.

„Грозјето и ширата за производство на вино имаат посебни карактеристики, бидејќи грозјето се бере само во многу ограничен период од годината, но се користи за производство на вино, кое во некои случаи ќе се продава многу години подоцна. Со цел да се погрижат за таа посебна ситуација, организациите на производители и меѓугранските организации традиционално развиваат стандардни договори за набавка на такви производи. Ваквите стандардни договори предвидуваат конкретни рокови за плаќање на рати“, објаснето е во документот што треба да биде основа за справување со нефер трговските практики.

Министерот Бектеши во пресрет на ограничувањата на трговските маржи рече дека големи синџири оствариле огромни добивки ставајќи маржи и до 30 проценти. Тогаш го најави и новото законско решение што е во подготовка. Но, како што може да се види од европската Директива, не станува збор за ограничувања на маржи, а како што ни објаснија и економистите што ги консултиравме, тоа би било спротивно на пазарната економија и би значело мешање во работата на приватни компании.

„Слободен печат“ побара став од Министерството за економија за тоа кои ќе бидат основните поенти во законот за нефер трговски практики – дали во него ќе постојат механизми за индиректно ограничување на маржата и дали ќе постојат глоби за непочитување?

– Министерството за економија е во процес на анализа за транспонирање на Директива (ЕУ) 2019/633 на Европскиот парламент и на Советот од 17 април 2019 година за нефер трговски практики во односите „бизнис ту бизнис“ во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Во рамките на синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, честа појава се значителни нерамнотежи во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи. Прва верзија на нацрт-текст на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на храна се планира кон крајот на март и ќе биде на јавна расправа од сите чинители што учествуваат во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи – одговорија од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот