Случај „Феникс”: Тодоровиќ заврши во домашен притвор, четворица добија притвор

Фото: Giceto / Wikipedia

Поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ доби домашен притвор, исто како и лицето со иницијали Т.Д. додека 30-дневен притвор е определен за уште четири лица, меѓу кои е поранешниот претседавач на Советот на општина Центар, Владимир Здравев.

Одлуката на Кривичниот суд следи по истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против 15 физички и седум правни лица под сомнение за злоупотреба на службената положба и перење пари во проектот „Скопје 2014“.

„Судијата на претходна постапка по сослушувањето на осомничените кои беа изведени во судот, во присуство на нивните бранители, во врска со предлогот за определување на претходна мерка, донесе решение со кое на В.Т. и Т.Д. им одреди куќен притвор, додека на лицата Љ.Б., В.З., А.З. и З.П. им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Против овие решенија страните имаат право на жалба до Кривичниот совет“, велат од Кривичниот суд.

По излегувањето од судот, Тодоровиќ кусо изјави дека не се чувствува виновен.

Истрагата за случајот „Феникс“ се однесува на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“:„Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Јустинијан, „Прво заседание на АСНОМ“ и „Основачи на ТМРО“. Осмничени во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените има и италијански државјанин и три италијански фирми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот