Славко Лазовски, даночен експерт: Нема простор за намалување на даноците и придонесите за минималните плати

Славко Лазовски, Фото: Приватна архива

Ние сме земја со ниски даноци и не треба да ги намалуваме давачките, но треба да ги зголемиме за оние со големи плати и оттаму да црпиме пари за помош на одредени сектори што имаат проблеми, вели Лазовски.

Стопанствениците се сѐ погласни дека државата треба да помогне со субвенционирање на зголемениот износ на придонеси што ќе се плаќа како резултат на растот на минималната плата. Пресметките покажуваат дека за да се добие нето-плата од 16.164 денари, според формулата што ја предлага Организацијата на работодавачи треба да се плати бруто-износ од 23.585 денари, а доколку се зголеми минималната нето-плата на 18.000 денари, минималната-бруто плата би изнесувала 26.422 денари.

Долгогодишниот даночен експерт Славко Лазовски вели дека Македонија е земја со ниски даноци и дека под утврдениот персонален данок и придонесите за пензиско и за здравствено осигурување не може да се оди, но за да биде Буџетот во добра кондиција, па и да се спроведуваат различни мерки и да се одговора на барањата на стопанствениците, неопходно е да има прогресивно оданочување.

– Сметам дека и за минималната плата не може да се оди под сега утврдените давачки. Всушност, веќе и постои едно даночно лично ослободување од 8.788 денари. Даноците се неправда, но не поради тоа што одземаат, туку по тоа што се неправедни во одземањето. Даноците се најнеправедни кај оние што имаат најмногу. Практикувавме политика на ниски даноци со стожерниот рамен данок, добивме заробена држава. Даноците нè изместуваат од зоната на удобноста во зоната на креативноста, само кога се доволно силни. Политиката на ниски даноци е потврда на нечија неспособност, страв од остварување на вистински цели. Вистинските цели се остваруваат со големи даноци. Ако сакате некој сектор да го упропастите, воопшто не го оданочувајте. Ако сакате да го кренете, вложете во него, земете од другите сектори и вложете во него – вели Лазовски.

Тој вели дека е добро што се развива и дискусијата за минималната плата и за просечните плати во државата, но пред сѐ треба да се дискутира и да се смени целата регулатива во однос на платите.

– Најслаба регулатива има околу платите. Таму има 7-8 закони и најголем дел се остатоци од социјализмот. Не велам дека тие закони тогаш не биле добри, туку само кажувам дека се надминати. Итно треба да се промени целата регулатива во врска со платите – вели Лазовски.

Во однос на придонесите, Лазовски особено има забелешки на здравствениот придонес велејќи дека треба да се направи еден сосема нов систем, така што придонес нема да се плаќа само од платата туку и од другите приходи.

– Пандемијата и понатаму ќе го става на испит здравствениот систем, ама и понатаму ќе го финансираме само од платите, а не и од другите приходи, кои сѐ повеќе ја прават вистинската економска разлика меѓу членовите на заедницата. Веќе покрај платата, има и значајни други приходи, како на пример големи дивиденди. Ние упорно се држиме до Бизмарковиот систем кој е врзан за платата, но Португалија, Шпанија, Италија и Грција веќе преминаа на Бевериџ системот, и тоа се покажа како добро решение. Тоа што Германија и Франција го практикуваат стариот, веќе престариот Бизмарков систем, според мене не е аргумент и ние да го применуваме. Кај нив состојбата е сепак поинаква, а кај нас треба промена. Не е фер и тие со минимална плата и тие со огромни примања во здравството да вложуваат 7,5 проценти – смета Лазовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот