Скопјани за шест месеци исфрлиле 7.000 кубни метри ѓубре на дивите депонии

ФОТО: Архива

Во периодот од 18 до 22 мај годинава била спроведена акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини, во чиишто рамки биле подигнати и транспортирани рекордни 650 кубни метри кабаст отпад

За шест месеци, односно во  периодот од јануари до јуни годинава, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ подигнале и транспортирале вкупно 79.499 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, што претставува зголемување од 4.921 тони, односно 6,6 проценти во однос на истиот период минатата година.

Во текот на првите шест месеци од годината, како што посочуваат, беа отстранети повеќе од 7.000 кубни метри отпад од јавните површини, а во истиот период екипите на претпријатието расчистиле и неколку обемни диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

– Со цел одржување на максималното ниво на јавната хигиена како и спречување на ширењето на вирусот ковид-19, претпријатието спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија – наведуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Во пресрет на најзначајните верски празници било извршено рачно миење на околината на поголемите верски храмови, а претпријатието реализирало и рачно миење на сите пунктови за масовна вакцинација на територијата на Градот Скопје.

– ЈП „Комунална хигиена“ перманентно ги подобрува условите во своите работни простории, при што неодамна беа пуштени во употреба осум нови пунктови лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Чаир и Шуто Оризари – објаснуваат од ова јавно претпријатие од каде што потсетуваат и дека во периодот од 18 до 22 мај годинава била спроведена акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини, во чиишто рамки биле подигнати и транспортирани рекордни 650 кубни метри одложен мебел и отпад од електронски и електрични уреди.

Во текот на првите шест месеци од годинава, ЈП „Комунална хигиена“ набави десет нови специјални комунални машини наменети за метење на јавните и на сообраќајните површини, што се употребуваат за одржување на јавната хигиена во сите скопски општини, како и пет нови возила-камиони наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад.

Во претстојниот период е планирана набавка на уште 32 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, камиони и кипери, што се очекува значително да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на претпријатието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот