Скопјани ќе треба сами да си обезбедат заштитна опрема против коронавирусот

Македонија Скопје плоштад ковид-19 коронавирус маски
Девојки со заштитни маски пешачат низ празниот плоштад во Скопје /14 март 2020, Скопје, Северна Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Слободен печат ги праша скопските општини, дали ќе обезбедат маски и ракавици за населението доколку тие станат задолжителни, и како ќе ги дистрибуираат, но од одговорите кои ги добивме се добива впечаток дека и покрај кризните штабови кои ги има во секоја општина, ваквата одлука општинските власти ќе ја дочекаат неподготвени.

Владата денеска се очекува да донесе одлука, граѓаните задолжително да носат заштитна опрема во затворен простор и на отворен простор во услови кога не може да се обезбеди потребно растојание од 2 метри, како на пример на пазарите. Оваа одлука, која веќе е донесена за Куманово, Прилеп и Тетово, ќе важи за територијата на целата држава.

Скопје / април 2020 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Заштитните маски во аптеките се најбараните, но истовремено и најдефицитарните производи. Откако започна кризата предизвикана од коронавирусот, цените на маските и ракавиците драстично се зголемија. Но, каква ќе биде можноста да се набават маски за сите, доколку Владата одлучи без нив да не се излегува надвор и во другите градови, како во Тетово, Куманово и Прилеп?

Слободен печат ги праша скопските општини, дали ќе обезбедат маски и ракавици за населението, доколку тие станат задолжителни, и како ќе ги дистрибуираат, но од одговорите кои ги добивме се добива впечаток дека и покрај кризните штабови кои ги има во секоја општина, ваквата одлука општинските власти ќе ја дочекаат неподготвени, а на граѓаните ќе остане сами да си обезбедат заштитна опрема против коронавирусот.

Скопје / април 2020 / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Треба околу 2.000 маски преку амбасада на Словачка да стигнат во општина Карпош. Маските ќе се дистрибуираат по фрекфентни места во руралните населби како Бардовци и Злокуќани. Постапката за набавка е се уште во Словачка, што значи маските нема да стигнат за брзо време. Инаку, ние се уште чекаме насоки од ресорните институции, за да набавиме за сите граѓани. Сепак, во Карпош има 60.000 граѓани, тешко ќе биде преку јавна набавка да се обезбедат за сите, најлесно ќе биде доколку се јави донатор – ни одговорија од општина Карпош.

Скопје / април 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во Аеродром досега донирале маски во пензионерскиот дом и во полициската станица во Аеродром, но чекаат одлука од Влада за да преземат понатамошни мерки.

– Чекаме да ја видиме одлуката од денешната седница на Владата, па ќе знаеме на кој начин ќе дејствуваме. До сега дониравме маски во пензионерскиот дом и на полициската станица во Аеродром, а планираме да почнеме со набавка на маски и ракавици, велат од Аеродром.

Во Општина Ѓорче Петров немаат предвидено набавка на маски за населението.
– Досега не сме размислувале за набавка на маски за граѓаните, но доколку се појави неопходна потреба, со изгласување на задолжително носење маски, постои можност да се размисли, и со тоа да се пренаменат средства за набавка на маски и ракавици, велат од Општината.

Скопје / април 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Општина Центар има капацитет  да обезбеди маски и ракавици, но чекаат одлука од денешната седница на Влада.

– Ние веќе почнавме со поставување со антибактериски гелови во влезовите од станбените објекти. Доколку се одлучи на седница на Влада дека е задолжителн сите да носат маски и ракавици, ќе им помагаме на граѓаните да обезбедат маски и ракавици. Имаме капацитет и можност чекаме само да ја видиме одлуката на Влада. Исто така имаме и општински тимови кои работат во соработка со Банка за храна Македонија, делиме пакетина социјално загрозени граѓани, не информираа од Општина Центар.

На населението му е потребна едукација за употреба на заштитната опрема

Постојат неколку видови маски кои се популарни – хируршките и оние со FFP заштита. И едните и другите имаат ограничен рок на траење.

Маските за еднократна употреба се фрлаат веднаш по употребата, додека останатите, платнени маски, можат да се користат повеќе пати, но откако прво ќе се исперат и испеглаат. Деновиве, фрлените заштитни маски можеа да се забележат веднаш до контејнерите за отпад. Отпадот, кој инаку е извор на разни заразни болести, сега дополнително ја отежнува ситуацијата, затоа што според некои истражувања, коронавирусот на ракавиците и маските останува повеќе од 72 часа.

По отстранувањето, заштитните маски и ракавиците треба да се стават во пластична ќеса, ќесата да се затвори, да се стави во уште една ќеса и да се остави 72 часа пред да се стават во нормален комунален отпад. Така фрлените маски и раквици не претставуваат опасност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот