Синдикатот на МАНУ реди прашања до раководството на Академијата откако платите им останаа исти, а законот не се донесе

Живко Попов Ману/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Синдикалната организација при МАНУ повторно го повикува раководството на Академијата да одговори на три прашања поврзани со предлог-законот за МАНУ, откако тој не беше донесен во Собранието. Со тоа платите на вработените во МАНУ останаа неусогласени со платите на вработените во сите установи во јавниот сектор.

Синдикатот на МАНУ прашува зошто предлог-законот бил поставен во Собранието по Бадинтер, ако е познато дека за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

„Зошто органите на МАНУ, како коректив на државните политики, имајќи ја предвид нејзината советодавна улога во нивното креирање, молчат и не бараат одговорност од структурите кои го одобрија носењето на Предлог-законот по Бадинтер на претпоследната седница на Собранието на Републиката? Ако последните законски измени биле донесени со Бадинтер, тогаш зошто свесно нè пуштивте по вода во режирана претстава, иако јасно предочивме дека немаме против одредбите од Уставот и од Законот за работните односи, кои се однесуваат на начелото за правична застапеност, да се пресликаат и во Предлог-законот, повторуваме: кога веќе еднаш биле извршени законски измени по постапката која сега се претстави како изненадување?“, прашуваат од Синдикатот на МАНУ.

Оттаму процесот го нарекуваат „претстава во Собранието после која паднале маските на сите актери кои учествувале во неа“.

„Како да веруваме во постојаните ветувања дека овој закон некогаш ќе биде донесен без Бадинтер!?“, додаваат оттаму и најавуваат дека следната недела ќе следуваат други три прашања, во континуитет, сè до демитологизирањето на МАНУ и нејзината интерно креирана недопирливост.

И претходно синдикалната организација при МАНУ истакнуваше дека е нејасно зошто највисоката научна и уметничка установа, од особено значење за Републиката, остана надвор од системот, иако нејзиниот статус е уреден со посебен Закон за МАНУ кој претставува лекс специјалис.

Оттаму побараа најостра реакција и осуда на непроцедуралното, незаконско и тенденциозно недонесување на законот и побараа итно да се преземат мерки за решавање на егзистенцијалните прашања на вработените во МАНУ, за да престане нивната неколкугодишна голгота која продолжува со потхранување на уверувањето дека за тоа ќе дојдат „подобри времиња“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот