Синдикат на МАНУ: Академијата треба да биде знаменосец на вредностите, но практикува недемократски методи и селективен пристап

Живко Попов Ману/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Синдикалната организација при МАНУ продолжува со поставување таргетирани прашања кон Академијата, откако претходно го повика раководството да одговори на три прашања поврзани со предлог-законот на МАНУ кој не беше донесен во Собранието, а со тоа и платите на вработените останаа неусогласени со платите на вработените во сите установи во јавниот сектор.

-Колку повеќе се тактизира со молчењето пред јавноста (најверојатно поради приоритизирање на „пресметките“ во пресрет на претстојниот изборен процес на нови членови во МАНУ) толку е поголема решителноста на Синдикалната организација при МАНУ, поради континуираниот притисок зад затворени врати, да продолжи со поставување таргетирани прашања, верувајќи дека некои од нив ќе бидат доволно обврзувачки за да се разбудат засегнатите структури од летаргичноста за сè што се случува во институцијата, се наведува во соопштението.

Од Синдикатот прашуваат зошто раководните структури, во меѓусебните односи, со потценување и пониско ги вреднуваат интегритетот на личноста, стручноста и компетентноста, како и образованието на вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ, а наспроти тоа овие елементи ги пронаоѓаат и таму каде што ги нема кај своите пулени, одгледувајќи ги во расадникот на МАНУ како идни академици?

Синдикат на МАНУ: Дали Академијата прераснува во приватна фирма која свесно го блокира предлог-законот за платите на вработените?

-Зар мислите дека откако паднаа маските за многу прашања во МАНУ, вработените ќе молчат и понатаму, без да побараат одговорност за ваквите дискриминациски постапки кои немаат каква било легитимност? Или, сепак, подучени од последните случувања во институцијата, оценети од раководните структури како нечии извонредно интелигентни и промислени потези, и вработените треба својата стручност и компетентноста да ги докажуваат на идентичен начин, постапувајќи против интересите на МАНУ и поткопувајќи го нејзиниот општествен статус?, додаваат од синдикалната организација.

Тие прашуваат дали новиот тренд на избор на академици од редовите на привилегираната категорија вработени во МАНУ, кои истовремено го задржуваат статусот на вработени лица во МАНУ, примајќи и плата и академска награда, беше главниот мотив да се премолчи неправдата што им беше нанесена на сите вработени?

-Дали зад де јуре критериумите за избор на нови членови во МАНУ, де факто се кријат нечии „ситни“ лукративни интереси кои се исполнуваат со инструментализирање на привилегираната категорија вработени, во рамките на проектната активност на МАНУ, надвор од пропишаните акти, по принципот на заемна услужност (добивка визави статус на член на МАНУ), така што актуелните членови на МАНУ, по своја волја, се ставаат во подредена позиција во однос на своите ученици? Оттука, непосредно пред почетокот на изборниот процес за членови во МАНУ, прашуваме: Зар членовите на МАНУ, со протежирање на ваков модел на однесување, не сметаат дека ги ставаат во нерамноправна положба кандидатите за членови на МАНУ однадвор наспроти оние однатре? А друго е прашањето, пак, колку е легитимно да се избираат членови на МАНУ од редот на редовно вработените во неа?, се додава во соопштението.

Од синдикалната организација порачаа дека МАНУ треба да биде знаменосец на вредностите за обезбедување еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на човековите права и слободи како и транспарентност во работењето, но како институција, велат дека практикува недемократски методи и селективен пристап.

-Силни ветришта ќе го одвеат јарболот на МАНУ, а одговорноста како квалификатив очајно се префрла како штафета од рака в рака низ структурите на МАНУ наместо тие достоинствено и гордо да го развеат знамето на мудроста и одлучноста, порачаа од Синдикатот на Академијата.

Синдикатот на МАНУ реди прашања до раководството на Академијата откако платите им останаа исти, а законот не се донесе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот