ШТО ЗНАЧИ „РЕКЕТ“ ЗА РЕМЕНСКИ: Во партија замрзната, во Собрание одмрзната

Фото: МИА

Пратеничката и потпретседателка во Собранието, Фросина Ташевска Ременски, останува на овие функции и покрај тоа што таа е опфатена во истрагата на случајот „Рекет“, а обвинителството за неа побара мерки за претпазливост, но не и притвор.

Од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери објаснуваат дека водејќи се од начелото на презумпција на невиноста нема да се даваат никакви коментари за случајот.

– Ако до Собранието стаса барање за одземање на пратеничкиот имунитет заради притвор тогаш по тоа ќе се постапи. Но во овој случај такво барање нема. Судско-обвинителските институции ја водат постапката, ние во тоа не се мешаме – објаснуваат од кабинетот на Џафери.

Мандатот на Ременски во Собранието може да и престане ако таа си поднесе оставка од пратеничката и потпретседателската функција, но такво нешто не најавува. Напротив, во исказот кој го даде пред обвинителството денеска рече дека не се чувствува виновна и дека ќе ја докаже својата невиност.

Мандатот на пратеник му престанува и доколку поради сторено кривично дело станува недостоен за вршење на пратеничката функција, како и ако пратеникот е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во трање од најмалку пет години. Мандатот му се одзема и за неоправдано отсуство подолго од шест месеци. На Груевски имаше обид да му се одземе мандатот по два од трите основи предвидени во Деловникот, но сепак на крај само се констатираше оставка што самиот си ја поднесе.

Од СДСМ објаснуваат дека партиската фунција на Ременски, член на Извршен и на Централен одбор на СДСМ ќе биде змрзната, се додека нема правна завршница за случајот. Ако се докаже вината, таа ќе биде и официјално разрешена од функциите, а ако не, ќе продолжи да ги врши. Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера најави нејзино разрешување од партиските фунции, но денеска од партијата дообјаснија дека со замрзнувањето се постигнува истата цел, а сепак се запазува презумпцијата на невиност.

Ременски беше и потпретседател на СДСМ, но беше разрешена од оваа функција со последната партиска „метла“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот