Што прави денеска: Андреј Пајмакоски, интернационален модел

Фото: Приватна архива на Мартини Весто/Мартин Трајаноски/Ани и Дими

Неговото модно патување започна пред четири години кога се одлучи професионално да се занимава, па така стана дел од модната агенција „Моделс ИН менаџмент“. А кога го поседувате тој посебен икс фактор, како што е во случајот на Андреј Пајмакоски, тогаш сте сигурни дека моделингот ќе стане ваше секојдневие. Помеѓу неговите први проекти беа рекламите за енергетски пијалак (Косово) и „Ист гејт мол“ (Тирана), а веднаш потоа и ревиите во Белград на нивниот Саем за мода. Веднаш беше забележан од главните луѓе на „Демонс модел менаџмент“ кои во соработка со неговата матична агенција решија да го пласираат во светски рамки. По краткиот престој во Барселона, Пајмакоски заминува за Кина каде што останува да работи четири месеци.

Фото: Лука Бошковиќ

Посветен, решителен и динамичен, Пајмакоски успева мошне успешно да балансира помеѓу студиите за дигитален маркетинг и професионалниот моделинг. Неговата вонсериска убавина е само надополнување на неговиот вроден шарм и огромната харизма со кои и понатаму освојува.

Атрактивниот Пајмакоски ни раскажува како изгледа едно негово деноноќие…

– Се будам околу 10 часот, во последно време се одвикнувам да го проверувам телефонот, туку станувам и првото нешто што го правам е да се средам, што ги вклучува секојдневните ритуали – заби, лице и крем за лице. Секогаш препорачувам прво појадок, па кафе, лично не можам да ги мешам заедно. За појадок обично подготвувам овесни снегулки со путер од кикиритки и какво било овошје, исто како и јаткасто овошје како екстра дополнување. Потоа, следува кафето што го подготвувам со екстракт од ванила или карамела.

Фото: Лука Бошковиќ

Откако ќе завршам со појадокот и кафето, следува излегувањето со моето друштво. Често излегуваме по 12 часот, на уште едно кафе или друг пијалак, особено во лето, бидејќи имаме прилично слободно време. Исто така, и поради ангажманите што се намалени во лето, можам да кажам дека сум послободен во лето и стациониран во Прилеп. Пред да дојде времето за ручекот, а и по него, обично цртам дигитално или со молив во зависност од моменталното расположение, но можам да кажам дека почнав секојдневно да креирам дигитална уметност и поради факултетот на кој сум запишан, на графички дизајн. Со тоа ме привлекува графичкиот дизајн и планирам да се фокусирам повеќе во тоа поле.

Денот ми продолжува со цртање и дизајн како што спомнав па потоа следува вежбање во теретана. Барем петпати во неделата гледам да вежбам, да бидам активен, не само поради кариерата, туку и за самото тело и мозок, вежбањето е здраво, па препорачувам на секој оној кој не е сигурен во себе и нема доволно самодоверба, вежбањето менува многу. Делува во позитивна смисла.

Фото: Миомир Милиќ

Кога се враќам од теретана, влегувам да се средам повторно, па си правам еден протеински шејк кој секојпат е различен, бидејќи на телото му се потребни протеини за секој ден и внимавам да пијам барем 2 литра вода во денот.

Денот завршува или со повторно излегување со друштво или гледање филмови или креирање дигитална уметност, иако играм и доста видеоигри, во последно време ги намалив и фокусот на мене е попозитивен и можам да кажам дека сум задоволен од себеси периодов.

Фото: Приватна архива на Ли – Нинг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот