Што научивме оваа недела: Демократијата, индексот и демосот

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Велат, додека вистината си ги врзе врвците на чевлите, лагата го обиколила светот. Во нашиов случај – додека науката да ги објави вистинските информации за состојбата во Македонија, лагата и перцепцијата од утринските емисии победила на локалните избори!

Оваа недела ги добивме резултатите од „крвната слика“ за македонската демократија, што ја прави еднаш годишно угледната истражувачка „лабораторија“ „Економист интелеџенс јунит“, која го издава и престижниот магазин „Економист“. На скалата на нејзиниот Индекс на демократија Северна Македонија годинава е рангирана на 73 место во светот, со просечна оценка 6,03, и од групата „хибридни режими“ прејде во повисоката група „демократии со недостатоци“. Во оваа група „обитаваат“ 53 од вкупно 167 земји и територии во светот, а во такви „демократии со мани“ живее 37,2 отсто од светското население. Во најдобрата група „целосни демократии“ живеат само 8,4 отсто, а во хибридни и авторитарни режими мнозинството од 54,3 отсто од земјаните.

Не е лошо да ги имаме пред очи овие бројки, особено кога ламентираме, онака хорски, дека живееме во „последната вукојебина“ и „најскапаната држава“ во светот. Тоа, се разбира, не значи дека треба да престанеме да се бориме и да се залагаме за повеќе и подобро, но барем да сме свесни каде се наоѓаме.

Со ова рангирање Македонија се збогува, се надевам трајно, со етикетата „хибриден режим“, која толку многу ѝ се допаѓаше на нашата опозиција, па не ја вадеше од уста. Како опозицијата за „хибридниот режим на Заев“ да немаше никакви свои заслуги. А, вистината е токму спротивна: падот на Македонија надолу во рангирањата на „Економист“ почна уште во далечната 2006 година, токму по доаѓањето на власт на владата на Никола Груевски. Тогаш Индексот на демократија за земјава беше 6,33, значи уште подобар од денешниот, и секоја година бележеше мал, но континуиран пад. Сè до 2016 година, кога го допре рекордното „дно“ со оценка 5,23, а оттогаш почна исто така постепен, но континуиран напредок на скалата, сè до сегашната оценка 6,03. Тоа се бројките, а ваше е да извлечете заклучоци.

Ова се оценки што следуваат по едногодишни истражувања, стандардизирани за сите земји, со 60 индикатори, групирани во пет категории, проценети објективно и обработени научно. Истото важи и за истражувањата на „Транспаренси интернешнал“, каде што исто така за Македонија беше забележан позитивен исчекор во борбата со корупцијата. Оваа година Македонија беше рангирана на 87 место со 39 поени, што е скок од 24 места во однос на минатата година, кога беше рангирана на 111 позиција. Сите се согласивме дека тоа не е доволно во однос на она што би сакале да биде, дека Македонија и натаму има „долга нива за орање“ кога е во прашање корупцијата, но повторно, треба да ги имаме на ум овие објективни показатели.

Бидејќи, не се тоа паушалните и пристрасни впечатоци на Христијан Мицкоски дека „Македонија го допре дното“ кои тој секојдневно ги повторува. Не, дното беше допрено во 2016 година, од тогаш Македонија се обидува барем да се врати каде што беше претходно. Се разбира, тоа за Мицковски е неповолно, па на овие извештаи и рангирања им ја спротивставува „перцепцијата“ на јавувачите во утринските програми на телевизиите, кои, како што рече во минатонеделното интервју, нему му се главна инспирација и репер. Јас, пак, би додал, и орудие за фрлање прав во очите на јавноста. Да парафразирам една стара мудрост: Додека вистината си ги врзе врвците на чевлите, лагата го обиколила светот. Во нашиов случај – додека науката да ги објави вистинските информации за состојбата во Македонија, лагата и перцепцијата од утринските емисии победиле на локалните избори!

Има уште нешто од овој извештај што треба да нѐ замисли. Имено, под „демократии со недостатоци“ (flawed democracies) во смисла на овој извештај, се подразбираат земји каде што изборите се слободни и фер, основните човекови права се почитуваат, но може да имаат одредени проблеми со ограничување на слободата на медиумите, потиснување на опозициското мислење и критиката, недоволно развиена политичка култура, ниско ниво на партиципативност во политичкиот процес или проблеми во функционирањето на извршната власт. Сето оваа е опишано низ пет индикатори, кои, како што рековме, се добиени со мерење и групирање на вкупно 60 параметри.

За нас е важно да погледнеме како стојат нашите оценки. За „изборен процес и плурализам“ Македонија е оценета најдобро, со 7,42. За „граѓански слободи“ со солидни 7,06, за „функционирање на владата“ поскромни 6,43, а за „политичка партиципација“ уште поскромни, но сепак „преодни“ 6,01. Она што ја „срозува“ вкупната просечна оценка на скромни 6,03 е катастрофалниот резултат во категоријата „политичка култура“. Таму Северна Македонија е оценета со мизерни 3,13, што ја залепува речиси на дното во групата „демократии со недостатоци“, само пред Црна Гора, со исто така лош резултат (3,13) по истиот „предмет“!

Што значи ова?

Индексот за политичка култура опишува какво е влијанието на културата на едно општество, односно како вкоренетите ставови на луѓето, нивните верувања и традиции, се одразуваат врз политичкиот живот во една држава. Главен фактор притоа е довербата, чие ниво го одредува капацитетот на државата да функционира. Врз политичката култура имаат влијание религиозните уверувања, како и вреднувањето на нематеријалните вредности, какви што се човековите права и свеста за заштита на животната средина. Интересно, во Македонија, како и во повеќето посткомунистички, а особено православни земји, во кои индексот на политичка култура исто така е многу низок, во сите истражувања граѓаните искажуваат најголема доверба кон црквата и кон војската.

Двајца врвни политиколози, Габриел Алмонд и Сидни Верба, во своето дело „Цивилна култура“ (1963) дефинирале три главни типа политичка култура, врз основа на политичката партиципација и природата на односот на припадниците на една група кон политиката. Првата е парохијална, во која луѓето се окупираат со локалните проблеми, се чувствуваат далечно од централната власт, не се интересираат ниту имаат удел во донесувањето на политичките одлуки, освен на микро ниво. Втората е поданичката култура (subject), каде што луѓето се заинтересирани за политиката, но таа е еднонасочен процес, кога ретко имаат можност да влијаат врз политичките одлуки, туку само ги трпат (или уживаат) последиците од донесените одлуки. Овој тип е карактеристичен за авторитарните уредувања. И третиот тип политичка култура е партиципативната, во која граѓаните се способни да влијаат врз политичките и административните структури и процеси, и тоа и како „инпут“ врз одлуките и како носители на нивните ефекти.

Цивилната политичка култура се карактеризира со „прифаќање на авторитетот на државата“ и „верување во партиципацијата во граѓанските должности“ (Алмонд-Верба). Цивилната политичка култура подразбира дека граѓаните имаат и користат механизми за јавно изразување на своите ставови, дека вршат влијание врз процесот на донесувањето на одлуките во политиката, економијата, стопанството, социјалната сфера, културата, заштитата на животната средина…

Истите автори навеле повеќе карактеристики на цивилната култура, кои овозможуваат развој на демократијата во една земја: заинтересираност за политичките одлуки и политичкиот систем на централно и на локално ниво, подготвеност да се разговара отворено и често за политика, очекување фер однос од страна на властите, емотивно инволвирање во изборниот процес, вреднување на активната вклученост во политички активности, партии или граѓански организации, толеранција кон спротивставеното политичко мислење, граѓанска соработка и меѓусебна доверба, самоувереност во сопственото влијание врз политичките процеси.

Значи, тоа е она што нам ни недостига, за разлика од Норвешка, Шведска, Нов Зеланд и останатите земји-шампиони во демократија? А, тоа нѐ води до краткиот одговор на нашето прашање, што значи овој поразителен резултат од предметот „политичка култура“, кој толку погубно влијае врз вкупниот резултат на нашата земја? Односно, дека не е сета вина за состојбата во нашата демократија во политичарите, партиите и институциите. Има нешто и до нас, граѓаните. До нашите верувања, ставови и предрасуди. До нашата пасивност и недоверба, нихилизам и фатализам, неподготвеност да учествуваме во решавањето на проблемите, колку што можеме и каде што можеме. До нашата нерасположеност да се соочиме со својата политичка (не)култура, за да се менуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот