Што клетва?

мерсел биљали
Мерсел Биљали, аналитичар, Фото: Архива

Далечниот остров Палмира во северниот Пацифик, откриен од Едмунд Фанинг во 1798 година, е полн со мистерии. Таму се случувале исчезнувања, невидливи убиства и паранормални гусарења. Луѓе и бродови исчезнувале без трага. Сега островот е празен. Според митологијата, островот долг период бил воден од чесни водачи и секогаш животот наликувал на рај. Но, кога еднаш луѓето се заситиле од чесни, па поддржале еден алчен водач, мајката на островот Палмира фрлила тешка клетва и островот останал пуст.

И нам, речиси 30 години нè има фатено некоја опасна клетва. Никако да ни тргне. Луѓето масовно бегаат од тука, зашто секој знае дека ако не побегне – клетвата ќе го фати. Тука стана чест да си споменик, а несреќа да си човек. Стана срамота да си праведен, а чест e да си криминaлец. Оти со години поддржувавме мистериозни паранормални суштества создадени од некоја фрлена клетва. Oти сме верувале дека спасот ни е во нечесноста. И тој Тито што толку го пцуеме 30 години, 12 пати го покачи стандардот и нè доведе речиси „рамни“ со Германија. Добрите познавачи велат дека криминалната приватизација по осамостојувањето ќе нè чини еден век страдање, оти таа создаде силна криминална структура од која е многу тешко да се ослободиме.

Минатата власт нè закопа со глорификација на лажното минато, со општ грабеж, со газење на достоинството, а сегашната не знае како да нè извлече. На надворешен план направи спектакуларни резултати, а на внатрешен план валоризирани празнини. Поминаа 30 години, а не се гледа ниту јасна развојна визија ниту корисна ориентација, а тоа видно ја ослабнува кондицијата за мирна пловидба. А цело време пловиме со просечен екипаж што има само натпросечни желби.

Добри примери

Чиле беше најсиромашна држава во Јужна Америка, но генерал Аугусто Пиноче (со мека диктатура), ја доведе во ранг на „20 најразвиени држави на светот“. Сличен економски бум имаат направени и некои африкански држави кои „до вчера“ биле племенски. Гана од 69 отсто невработеност за 25 години успешен развој, необработеноста ја сведе до симболични 5 отсто, а стандардот се покачи цели 14 пати. Нејзиниот рамномерен развој во сите 216 општини е пример, не само за Африка, туку и за целиот свет.

Боцвана е јужноафриканска држава со територија од повеќе од 70 отсто пустина (Калахари). Пред 35 години била најнеразвиена земја на планетава со само 69 долари БДП по глава на жител, а сега стаса до фантастични 14.400 долари БДП по глава на жител. Кога го прашале боцванскиот лидер Серетс Љан Хама – која е тајната на успехот, тој одговорил: „Тајната е воопшто да нема тајни, туку врвни професионалци и огромна дисциплина“. Економски бум ги следи и некогашните многу бедни држави – Намибија, Ангола, Танзанија, Мозамбик, дури и Етиопија, каде што пред десетина години масовно се умирало од глад, а сега е рангирана меѓу 13 држави со најбрз развој на светот. Таа „Црна Африка“ сега не е веќе толку црна. Таа станува светска гордост. Минатата година, дури седум од десет најбрзи економии на светот биле држави од тој континент. Тие се на пат да ги надминат и „азиските тигри“ (Кина, Индија, Јужна Кореја, Малезија и Виетнам).

Израел – стакленик на Европа

Израел територијално е помал од Македонија, со површина од околу 21.000 км2, а со повеќе од осум милиони жители кои живеат со шест пати повисок стандард од нашиот. Иако државата веќе 70 години е во континуирана војна, таа со години забележува силен економски раст. Има само 30 отсто од територијата обработливо земјиште, но докажа дека кога се сака, и пустината се претвора во плодно земјиште. Тие можат само да го сонуваат нашето земјиште. Ама таа пустина секој ден ја претвораат во прекрасни модерни плантажи. Вода нема доволно, па затоа мора да ја десалинизираат морската која потоа ја носат во огромни базени. Прво ги користат за рибници, па потоа за наводнување по плантажи, најмногу со системот „капка по капка“. Производството е тесно поврзано со науката и технолошките софистицирани методи за енормно зголемување на приносот и квалитетот. Израел зимно време ја снабдува целата Европа со продукти и заслужено го носи епитетот – „Стакленик на Европа“. Саул Сингер, авторот на книгата “The Story of Israel’s Economic Miracle“ (Приказната за економското чудо на Израел), вели – само врвен колективен ум и знаење може да го постигне тоа.

А каде сме ние ?!

Па, ние се расправаме за Венецијанската комисија, за мизерниот патриотизам, за смешниот идеализам, за историјата и минатото. Но, не и за сегашноста и иднината. Во Европа веќе имаме возови што возат 350 км на час, а кај нас околу 50, и тоа со дефекти. Сакаме Европска Унија, а не заслужуваме ниту Африканска унија! Триесет години имаме влада, Парламент, служби полни со аналфабети, неписмено образование и хронично болно здравство. А цело време расправаме за Боки, Фрики, Кики, Мики… Ги заборавивме украдените милијарди, а се расправаме за ситни милиони, монтирани тoкму од тие што ја ограбија државата. Но, тоа е кога имаме функционери што не заслужуваат да бидат ниту чувари во тие институции. Имаме заробен ум, заробени партии и заробена иднина. Маргиналци станаa господари на својата среќa и на нашата несреќа. Станавме општество каде што едни едвај преживуваат со своите десет прсти, а други уживаат до небо со своите два прсти. Ако не се преземе нешто радикално од нас самите, во догледна иднина, тука мнозинско население ќе бидат Кинезите, Пакистанците, Африканците, кои ќе почнат да пишуваат некоја нова овдешна историја.

Што велат врвните светски експерти?

Врвни светски познавачи на развојот мислат дека нашата државата можела да направи развоен бум само ако со јавно-приватно партнерство се фокусираше на три области: 1) модерно земјоделство и сточарство; 2) модерни бањски туристички капацитети, придружени со рекреативни, ски-центри… 3) рурален туризам (планински). Сето тоа придружено со силна реклама, организирани евтини транспорти, чартер-летови итн. Со тоа и профитот ќе останеше дома за разлика од странските инвестиции каде што профитот заминува надвор. Но, за тоа е потребна сериозна развојна стратегија, компетентни институти, бројни агроексперти, континуирани совети. А не импровизатори, кои сами за себе се конфликт на интереси. Треба компетентна власт и одговорна опозиција, а не катастрофи. Oти од фрлања дрвја и камења не се гради куќа.

Ние мора да се запрашаме што, впрочем, се случи со нас. Особено кога нè надминаа и соседни држави кои биле 30 години зад нас (Бугарија, Романија, Албанија). Многу понапред отиде Црна Гора која стана држава во 2006 година, и Косово во 2008 година! Ние сме заробени сами од себе. Вака не само што се губи логиката од имањето власт, тука тоа станува и многу штетно.

И нема да станеме Палмира оти клетвата ќе ја расипат афроазијците. Затоа како партиски изборни платформи треба да бараме конкретен јасен и ефикасен развој, а не лажна историја и глупа митологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот