Штетна партиска реторика без етика и естетика – или тие или потоп

Новинари /фото: МИА

Непроверени наоди или наоди што тешко можат да се проверат, етикетирање, исмевање и грубо непочитување на други лица, намерно непренесување на целосната слика, намерно изоставање информации, се само дел од начинот на кој политичките партии во Македонија секојдневно пласираат штетни наративи во јавноста во обид да му наштетат на политичкиот противник, несметајќи дека со масовното користење на вакви наративи му нанесуваат штета и на целото општество. Во партиските „дијалози“ доминираат и обвинувања за корумпираност, нетранспарентност, непрофесионалност и за злоупотреба на службената должност, без обид да се поткрепат тие тврдења. Многу се застапени и зборови и формулации со кои се оцрнува одредена група луѓе со цел да се предизвикаат поделби и раздори помеѓу „нас и вас“, како и зборови и реченици со кои експлицитно се промовираат сопствените активности како нешто што е во корист на народот. Неодамна објавеното истражување на Институтот за комуниколошки студии покажа дека во октомври 2023 година се идентификувани вкупно 136 објави со штетен наратив на интернет и на Фејсбук-страниците на политичките партии, a најмногу такви објави имале ВМРО-ДПМНЕ (55), потоа СДСМ (18) и Левица (13 објави).

Според експертите, негативната комуникација со напади, обвинувања и навреди кон противникот предизвикува незаинтересираност за политика кај граѓаните, а со тоа и апстиненција од гласање и демотивираност за промени!

На партиите им треба култура

Според политикологот Иво Ранѓеловиќ последиците од секојдневно пласирање на штетни наративи се општество со изместени вредности, во кое главен извор на личен и сигурен приход е токму политиката, односно партиското вработување во замена за глас.

– Не постои простор (медиум, изјави, службени средства итн.) што не се користи за партиски цели за време на функција, но основен проблем е политичката култура како и системот на кој навикнавме. Само одговорност и казни може да го ублажат ваквиот ужас на краток рок – вели Ранѓеловиќ.

Иво Ранѓеловиќ/ Фото: Слободен Печат/ Слободан Ѓуриќ

Тој се согласува дека мора да има професионален филтер за штетни наративи и во делот на искуството на интегритетот на една личност.

– Не може и не смее политичката функција да биде прво работно место. Ваквото опкружување значително придонесува за штетните и примитивни наративи, како одлика на капацитетот – вели Ранѓеловиќ.

Комуникологот Сеад Џигал, пак, коментира дека дефинитивно за домашните политички партии е потребен приспособен етички кодекс за јавна комуникација и за односи со медиумите.

– Тоа кај нив речиси целосно отсуствува и покрај бројните потпишани договори и документи за фер изборен процес и кампања, на пример. Кај партиите допрва треба да се поттикнува и развива нова култура на комуницирање која нема да користи штетна реторика и наративи, затоа што нивните последици се многу сериозни за комплексни општества како нашето. Покрај нетолеранцијата и ширењето на омраза, тие го поткопуваат дијалогот, општествениот консензус, го фрагментираат општеството и предизвикуваат цела низа негативни појави поради кои земјата во целина назадува и тоне во ниската политичка култура и свест за јавниот интерес – вели Џигал.

Тој посочува дека со поретки исклучоци, најголемиот дел од партиските функционери имаат просечна или потпросечна етичка култура и компетенции во јавната комуникација, што може да се види во нивните објави на социјалните мрежи, каде без медиумскиот филтер и новинарска обработка уште поочигледна станува нивната ниска култура во комуницирањето, особено во пораките кон политичките опоненти и неистомислениците.

Социологот Илија Ацески е на став дека тешко може да се говори за некаква етика кај политичарите во врска со нивната јавна комуникација.

– Не знам дали може да се говори за некаква етика. На Запад, синот купил нешто со службена картичка, партијата ја повика мајката министерка и ја тргна од министерското место. Овде таков механизам не постои, дури во партиите постои обратна насока. За нив е важно само да се слуша водачот, а ако кажете нешто веднаш ве шутираат. Етичкото е постојано под притисок „дали да се однесувам според моралните правила или да го слушам авторитетот“, а тука нема етика – вели Ацески.

На прашањето дали штетниот наратив е злоупотреба на функцијата или политичарите го користат од незнаење, Ацески јасно кажува дека тешко може да се одговори на ова.

– Ако е од незнаење тука нема спас, но мислам дека главните играчи не се толку несвесни за тоа и сепак имаат некаков интерес. Јас го сведувам тоа на знаење, намерно правење. Главнината се движи околу профитот и затоа им е таков наративот – вели Ацески.

Во врска со тоа дали може да се заштитиме од штетни наративи ако се зголеми медиумската писменост, додава вели дека можеби токму тоа е еден од клучевите, но прашање е дали сме подготвени.

– На сите национални телевизии се емитуваат постојано вести, а за да имате квалитетна вест новинарот треба да биде спремен. Ние сме медиумски отапени, а нашата ментална кондиција е буквално уништена. Всушност, почнуваме и да не размислуваме – вели Ацески.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „не се од тука“

Прашања што се наметнуваат се дали во партиите има професионален филтер за штетните наративи, какви профили на луѓе работат во прес-службите, кој им ги проверува соопштенијата, дали се внимава на правилата за транспарентност, етичност, професионалност и непристрасност во комуникацијата, дали се води комуникација базирана на докази и дали во партиите се негува културата на говор. Битно е и колку се етички потковани партиските и владините функционери, дали поминуваат обуки за етички правила при јавното изразување, дали се свесни за законските реперкусии што следуваат за непоткрепени обвинувања и за ширење говор на омраза. На овие прашања ни одговорија од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, а СДСМ не ни испрати одговори.

Во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека никогаш не настапуваат паушално и со непоткрепени обвинувања.

Од сето ова наброено, делот за непристрасност делува чудно, сепак се настапува од име на политичка партија, а прес-центарот не е медиумска редакција за вести. Но, факт е дека во еден момент портпароли на СДС, Владата, Претседателот на државата, а и во ВМРО- ДПМНЕ беа новинари со големо искуство. За ВМРО-ДПМНЕ знам дека прес-центарот претставува сериозен момент во којшто се вклучени експерти и правници и притоа многу се внимава на правилата на транспарентност, етичност и секако на докази и негување на култура на говор. Во однос на културата на говор, тоа што можам да го кажам за другите е дека во обид за допадливост и премостување на одговори апсолутно го рушат нивото на комуникација – ни одговори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Наум Стоилковски
Наум Стоилковски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, пак, вели дека негативите кампањи се вообичаени пред изборите.

– Обично партиите под правилото „плукај кон противникот, сепак нешто ќе се залепи“ прибегнуваат кон негативна кампања на оцрнување на политичките противници со цел да се добие политичка предност за избори – коментира Османи.

Бујар Османи – министер за надворешни работи / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Од друга страна, Стоилковски вели дека сите укажувања на ВМРО-ДПМНЕ за корумпираност, нетранспарентност, непрофесионалност, злоупотреба на службена должност, се темелени врз сознанија и докази коиштосе  проверени и коишто за кусо време потоа се докажани, односно вистината излегувала на површина.

– Оттука, дали не беше вистина за корупцијата во здравството „Крвави тендери“, дали не беше вистина „Пасоши за мафијаши“, дали не беше вистина „Броило“, или „Тајни имоти“, или „Шивална за гаќи“ вклучена во проектот за коридорите? Или „Канцер мафија“, криминалот со модуларните болници и автобусот на „Беса-транс“ што изгоре? Криминалот поддржан од власта веќе коси човечки животи, а првите реакции на одговор биле дека се работи за неосновани напади. Самата инсинуација во прашањето дека се настапувало со непоткрепени напади одат во линија на единствените неаргументирани одговори коишто ги даваат од СДС-ДУИ, а тоа се „лажни вести“ и сега модерно е „антиалбанство“. Дури и првата реакција за М-НАВ беше „кошкање меѓу колеги“, а не насилство, ако се сеќавате. Од друга страна, веќе има неколку пресуди за неаргументирани напади особено кон претседателот Христијан Мицкоски – вели Стоилковски.

Според Османи, во земји со низок животен стандард темата корупција е посебно чувствителна за граѓаните затоа што тие директно ја поврзуваат лошата индивидуална и семејна состојба со корупцијата.

– Меѓутоа, фактот што на последната анкета граѓаните сметаат дека најмногу се корумпирани политичарите, иако на дневна основа помалку имаат комуникација со високи државни функционери и политичари отколку со корупција на шалтер, здравство, образование, зборува дека политичките партии не ја користат темата корупција со цел вистинска борба со ова зло, туку само за добивање политичка предност – вели Османи.

Какви партии, таква кампања, барем „бомби“ да нема

Во однос на претстојната предизборна кампања, комуникологот Џигал оценува дека за претстојните претседателски и парламентарни избори може да очекуваме црна кампања уште позасилена од она што го гледавме во изборните циклуси од 2020 и 2021 година, освен ако партиите не развијат некои понови форми на водење кампањи со новите технологии и вештачката интелигенција, што е малку веројатно.

– Во медиумите можеме да очекуваме пристрасност и површност во информирањето, како и интензивно присуство на поларизиаторска негативна кампања кон учесниците во изборите. Потоа, организирана хиперпродукција на објави за изборите кои имаат за цел да го преплават медиумскиот простор, да ги потиснат другите вести во втор план и да креираат содржина која ќе се дисперзира низ останатите мрежи за што посилен посакуван ефект. За жал, покрај информативниот дел на промоција на програми и кандидати, се очекува пак да има црна кампања, односно содржини во кои се присутни негативни изјави и обвинувања на партиите едни кон други, исполнети со силни емотивни и навредливи изрази. Во претходните циклуси имавме и случаи на објавени аудио-снимки од приватни разговори на претставниците од двете најголеми коалиции, кои послужија за убедување на граѓаните како да гласаат, па да се надеваме дека барем овој формат ќе отсуствува овој пат во кампањите – вели Џигал.

И портпаролот на ДУИ Османи очекува негативна кампања, но од опозицијата.

– Ако по утрото се гледа денот, очекувам дека опозицијата во недостаток на решенија за клучните предизвици ќе се обиде да наметне доминантно негативна кампања – вели Османи.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски, пак, посакува после три децении демократија во Македонија изборната трка да биде натпревар на идеи и аргументирана критика.

– Но, тоа е можно само ако нема власт заглавена во криминал и корупција. Јасно е отсега дека власта се служи со една нетранспарентна кампања полна со оцрнување, а причината е едноставна – по осум години власт СДС и ДУИ нема со што реално да се пофалат – вели Стоилковски.

Обвинувања и клевети секој ден, на суд ретко

Иако партиите секојдневно се обвинуваат меѓусебно за криминал и корупција на централно и локално ниво, малку од овие наводи завршуваат на суд – или како процесуирано кривично дело или пак, како клевета и навреда.

Од Основниот граѓански суд велат дека АКМИС системот не води посебна евиденција во колку од процесите за клевета и навреда странка биле функционери. Оттаму информираат дека во 2021 година се примени 72 тужби со основ клевета и навреда, а решени се 65, во 2022 година се примени се 80 тужби, а решени се 46 предмети, а во 2023 година се примени 80 тужби со основ клевета и навреда, а решени се 22 предмети.

– Со тужбите за клевета и навреда вообичаено се предјавува нематеријална штета која ја побарува тужителот во одреден предмет. Па така, досудената нематеријална штета ориентациски може да биде досудена во износ од 10.000 денари до 30.000 денари. Нагласуваме дека оваа е вообичаено ориентациски износ. Бидејќи, во одредени предмети може да се предјави како нематеријална штета и износ од 1 денар, што значи дека самата пресуда претставува морална и материјална сатисфакција за тужителот. Во одредени случаи, пак, може да се побара само јавно извинување, а секако постоењето на самата пресуда која треба да се објави во одредено јавно гласило преставува морална и материјална сатисфакција за самиот тужител. Исто така, во одредени случаи и се повлекуваат тужбите по одржани рочишта – велат од Основниот граѓански суд.

Од Јавното обвинителство додаваат дека постапуваат по сите поднесени пријави и ги проверуваат наводите, но обвинителството не води посебна евиденција на пријави во зависност од тоа дали подносителот е претставник на политичка партија.

Грковска: Функционерите се обучуваат за Етичкиот кодекс

За стандардите на однесување одговор побаравме и од вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. нејзиниот коментар е дека според Етичкиот кодекс, носителите на извршни функции се обврзани да се придржуваат на основните принципи на кодексот и стандардите на однесување како: владеење на правото, остварување на јавниот интерес, заемно почитување и заштитата на угледот на Владата и институциите, соработка, ефикасност и економичност, отчетност, транспарентност и респонзивност, вклученост, ориентираност кон консензуалност и одговорност.

– Во врска со злоупотребата на функцијата за партиска пропаганда и дистинкција меѓу партиската и политичката функција, Етичкиот кодекс во делот правила на однесување јасно наведува дека треба да се одбегнува судир на јавниот и приватниот, односно партискиот интерес и дека доследно треба да се почитува Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Дополнително, носителите на извршни функции при учеството во партиски активности не смеат да ја загрозат професионалноста и достапноста на вршење на функцијата, односно секогаш приоритет ќе има јавната функција, односно должност – вели Грковска.

Славица Грковска – вицепремиер за политики и добро владеење /Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Таа додава дека во изминатиов период се создадени внатрешни капацитети за спроведување на обуки поврзани со кодексот. Досега се обучени 13 обучувачи кои самостојно ги одржуваат обуките за Етичкиот кодекс и за интегритет. Во 2022 година обука за Етичкиот кодекс поминале над 140 функционери, а во 2023 година 277 функционери.

Штетни наративи: Партиите „пукаат“ по противникот, а го „убиваат“ граѓанинот

Со овој текст „Слободен печат“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот