„Шарла рекордс“ објави албум со музика за претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“

Како издание број 81 на дискографската куќа „Шарла рекордс“, објавен е албум со музика за театарската претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“. Композитор на музиката е Давид Ангелевски.

Станува збор за албум составен од авторска музика, оригинално компонирана и снимена за потребите на истоимената претстава во режија на Зоја Бузалковска, според романот на Марк Хадон и адаптацијата на Сајмон Стивенс. Претставата е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје.

– Фантастична и крајно луцидна приказна на односи преку толку специфичниот свет на Кристофер Бун. А во тој свет не постојат лаги, нема концепт за толеранција на неискреноста. Постои само вистина. И затоа е тој свет толку посебен и нежен.

Да се пишува музика за една ваква претстава значи да се нурне длабоко во светот на Кристофер Бун, да се разберат сите негови постапки и реакции, понекогаш многу неочекувани, секогаш потполно искрени. Прашањето што се поставува е како звучи неговата перцепција на светот што го опкружува, неговото доживување на луѓето и на појавите?

Овде музиката станува неговиот внатрешен глас, неговите мисли и емоции, неговата паника од хаосот околу него и неговото спокојство во точките на познатото, неговите гласни стравови и тивки победи, неговата посебност.

Освен тоа, музиката треба да го следи и филмскиот јазик на раскажување на приказната, како и брзите „паркур“ динамични промени на времето и просторот – напиша режисерката Зоја Бузалковска по повод објавата на музиката за претставата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот