Семејствата на загинатите кај Ласкарци бараат да се дознае вистината за несреќата

Фото: Слободен печат

На обвинителна клупа седнаа сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, вработениот во „Дурмо Турс“, Ремзи Мифтари, машинскиот инженер порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски. Во судницата беа присутни и нивните адвокати, како и адвокати на оштетените. Предметот го застапува скопскиот обвиниетел Дарко Јакимовски, а го судат Диана Груевска – Илиевска, Александра Ристеска и тројца судии поротници.

Шестмината обвинети се теретат за несреќата кај Ласкарци која се случи на 13 февруари годинава на автопатот Скопје-Тетово кај селото Ласкарци, несреќа во која загинаа 16 патници.

Возачот на автобусот, сопственикот, одговорниот за транспорт во фирмата „Дурмо Турс“, како и тројца вработени во станицата за технички преглед во сопственост на истиот газда, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Застапниците на оштетените семејства пред судскиот совет истакнаа дека се приклучуваат кон тврдењето на ОЈО нагласувајќи да се докаже вистината и се приклучија кон имотно-правното побарување на оштета.
Според обвинителството, и газдата и раководителот една година биле свесни дека автобусот не е технички исправен, но не го поправиле, бидејќи знаеле дека и таков ќе го мине техничкиот преглед кој се правел во здружение кое е сопственост на истиот газда.

„Не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето. Сопственикот на фирмата дозволил да се изврши манипулација со тахографот за да не ја регистрира правилно брзината на движење на автобусот. Обвинетиот раководител на возниот парк, пак, давал насоки на возачите каде да го однесат автобусот за да се изврши манипулација на тахографот со цел да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци“ соопштија од Обвинителството.

Трите лица, вработени во станицата за технички преглед кај истиот газда се обвинети за соучесништво во истото дело оти иако виделе дека сопирачките се неисправни подолг период со свој потпис и печат го прогласувале автобусот за технички исправен. Возачот на автобусот, пак на критичниот ден возел со недозволена брзина од 99 км/час. Заради преголемата брзина, тој изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Покрај овие шест лица Обвинителството поднесе и обвинителен предлог за кривично дело Несовесно работење против уште едно лице кое било одговорно да врши проверка на тахографот. Иако увидело дека е вграден уред за манипулација на апаратот, тој издал потврда и дал налепница дека е исправен. На кобниот 13 февруари годинава на патот Скопје-Гостивар во близина на селото Ласкарци животот го загубија 16 патници, а 38 беа повредени.

На 13 февруари загинаа Ајден Исмаили, Зоран Давидоски, Раметула Абдурахими, Јовица Трпевски, Онур Садику, Бесим Камбери, Бобан Аврамовски, Павле Костовски, Трпана Јаневска, Валдете Хамити, Есад Емрули, Бејза Узеири, Бесим Фетаи и Дејан Ристовски. Неколку дена подоцна починаа уште една жена и маж.

На следното рочиште ќе бидат повикани преостанатите оштетени да се изјаснат пред судот по однос на имотно-правното побарување на оштета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот