Секоја чест браќа Срби

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Граѓаните од поранешна Југославија, без разлика на националност, вера или политичка припадност, последниве денови масовно се втурнаа во главниот град Белград за да се вакцинираат. Зошто?

Затоа што од било кои причини, во своите земји тоа им е оневозможено. Затоа што не можеа веќе да ги слушаат сите објективни и субјективни оправдувања за доцнење на вакцинацијата.
Познато е дека македонските граѓани од поодамна одат во Врање на „вакцина туризам“, но од вчера главна дестинација за „боцкање“ е Белград.

Отидов и јас со сопругата. Отидовме што се вели на „ќоро“, без потврда и закажан термин од нивната е-управа. Претходно ги поминавме сите домашни меѓусебни убедувања и разубедувања дека џабе ќе возиме толкав пат, дека нема да не примат без соодветен документ, дека не примаат странци, дека ќе се бламираме непотребно пред тамошната администрација… Но, можноста за благовремена вакцинација не се пропушташе, иако повикот доаѓаше само од пријателски убедувања дека, ништо од официјалните документи нема да ни треба.

А таму на паркингот пред „Хала број три“ на белградското сајмиште, не очеуваше изненадување. Не бевме сами. Покрај автомобилите со српска регистрација, „вриеше“ возила од БиХ и чат—пат, по некое македонско возило.

Но, вистинското пријатно изненадување дојде внатре. Организација и љубезност каква не сме доживеале никогаш. Ни во нова Македонија, ниту во бивша Југославија. Неколку стотици луѓе се ангажирани само за да ги пречекаат сите дојдени да се имунизираат. Не само граѓани на Србија, туку од Македонија, од БиХ, од Црна Гора, велат имало и од Хрватска, па и некои Германци кои се нашле на поминување.

За не подолго од полoвина час, целата процедура беше завршена, вклучувaјќи ги 15те минути задолжителен одмор по примената вакцина. Да не ти се верува. Ниту еден од присутните на рецепција, каде се пополнуваат формуларите за согласност, ниту кај лекарите кои ни земаа здравствена анамнеза, или меѓу оние кои трпеливо не внесуваа во документацијата, а најмалку кај медицинскиот персонал кој не „боцкаше“, не трепна со окото да покаже замор, нетрпеливост, намќорлук. Напротив, максимална љубезност и професионалност. Чудеса. Дури и на мојата новинарска провокација -дали се заморни и зошто го прават тоа, зарем не им се доволно и нивните Срби, па уште и ние од другите соседни држави им фалевме, велат, „Па ако, што има везе, сви смо људи, само да ово зло што брже проѓе…“

Ј*би га, си мислам, а да беше обратно? Да речеме сега во една Sci-Fi сцена Филипче набавил три милиони вакцини и вели: „сите од Јужна Србија и од околните земји слободно да дојдат во Куманово да се вакцинираат“!!!!. Како би изгледало тоа, а?

Гледам за викендов сликата е „бетер“. На белградско сајмиште изгледа нема место од сите оние кои со сите превозни средства заминаа во главниот град на соседна Србија. Уште вчера се говореше дека автобуси полни со граѓани од сите поранешни држви на бивша „Југа“ се подготвуваат да заминат за Белград. Нека одат! Како здравствениот персонал ќе се справи со таков наплив на луѓе, навистина не знам. Но едно знам. Дали во сето ова има политика, дали Вучиќ ги присилил сите овие луѓе да бидат љубезни, или пак тој со ова си прави ПР во регионалната сцена, е сосема небитно. Баш ги брига обичните граѓани кои во овој момент нашле спас за себе од проклетата Корона.
А дали на „нашите“ домашни политичари ова им се погоди како одличен вентил да се „отарасат“ од што поголем број граѓани, кои на туѓа сметка ќе добијат вакцина, или пак од сето ова ќе добиијат и малку поука и срам, нема да дознаеме. Но нека знаат дека „образот“ бргу се губи, а тешко се „бели“! Ако „претераат“ не ги оправа никаков ПР, ниту оправдување. Зашто на крајот на краиштата, баш ни е гајле со какви се проблеми морале да се соочат. Ние сакаме да ни го испорачате она што ни следува.

Ќе завршам со една „школа“ што ја стекнав како млад ТВ новинар. Секогаш кога ние помладите новинари се правдавме за своите грешки дека сме биле болни, дека сме изгубиле концентрација, или дури дека сме имале и смртен случај во семејството, тогашните медиумски легенди ни велеа: „Тоа, гледачот не го интересира“!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот