СЕХА: Цар „царуваше“ за Нексе, Вардар совладан и во Нашице!

Фото: SEHA LEAGUE

Вардар 1961 денеска е поразен на натпреварот од СЕХА Газпром лигата на гостувањето во Нашице (Хрватска), од Нексе со резултат 36:32 (15:14). Ова е втор последователен пораз во ова натпреварување за „црвено-црните“.

Составот на Стевче Алушовски започна лошо во нападот, а тоа домашните играчи го казнуваа и направија серија од 5:0. Потоа на ист начин возвратија Вардарци кои заиграа поангажирано во одбраната и креативно во нападот и на семафорот беше нерешено. Домаќинот мотивиран да се реваншират за поразот годинава, беше во налет и реализираше три голови во низа за 8:5.

После тајм-аутот на Алушовски следуваше нов егал на мечот од 9:9 во 18 минута, потоа Борко Ристовски одбрани одлично, во напад Талески стрелаше за прво водство (9:10) на „црвено-црните“ во 20 минута. Домашниот состав успеа повторно да ја преземе иницијативата и да поведе, во последната минута Вардар влезе со два гола негатива (15:13), а Ристовски од гол на гол се погрижи за минимално заостанување пред паузата.

Фото: SEHA LEAGUE

Домаќинот го отвори вториот дел со гол за предност од два гола, но Вардар врати со серија од 0:3, два гола беа на Гаџа и еден на Дибиров, за предност од 16:17. Наизменично се менуваа екипите во предноста која не надминуваше повеќе од еден гол, а ново израмнување видовме во 42 минута кога резултатот беше 22:22. Само за 90 секунди домашниот тим направи серија од 3:0 и поведе со 25:22, што беше знак за Алушовски да побара нова минута одмор. Вардар беше во лош период, Нексе стигна и до пет гола позитива, а Алушовски повторно побара тајмаут.

Во игра го видовме и Карапалевски кој внесе живост во нападот, постигнувајќи три последователни голови, намалувајќи на 29:26 во 50 минута, додека Ристовски ја забележа и седмата одбрана. Но, за Нексе блескаше голманот на Нексе, Цар, најзаслужниот што неговиот тим се стекна со солидна предност во последниот дел од натпреварот. Нексе го зачува водството за триумф со резултат 36:32.

Дибиров беше најефикасен со девет голови, додека Гаџа постигна шест, додека голманот Ристовски имаше девет одбрани. На спротивната страна за Нексе по осум погодоци доминираа Кевиќ и Јагањац, а клучен придонес за триумфот на Хрватите имаше чуварот на мрежата Морено Цар со 16 одбрани.

На табелата во групата „Б“ со девет максимални бодови води Мотор Запорожје, колку што сега има и второпласираниот Нексе, следуваат Вардар 1961 (шест) и Војводина (0).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот