Саудискиот министер за правда на гости кај Лога, двете земји ќе соработуваат во правосудството

Министерот Кренар Лога на средба со Министерот за правда на Саудиска Арабија, Мухамед Ал-Самани/Фото: Министерство за правда

Министерот за правда, Кренар Лога, оствари работна средба со неговиот колега од Саудиска Арабија, Валет Мухамед Ал-Самани и потпишаа меморандум за соработка на двете држави, соопшти Министерството нагласувајќи дека на средбата беа разменети искуства за организацијата на правосудниот систем во РСМ и Саудиска Арабија.

Според соопштението на Правда министерот Лога го информирал саудскиот колега за состојбата со македонското правосудство во Македонија, истакнувајќи ги напорите за реформи, како и за лошите услови на затворите во земјава. Разговарајќи за актуелните предизвици, министерот информираше и за уставните измени, како и евроинтегративниот пат на Северна Македонија.

Министерството не соопшти дали министерот Лога разговарал со колегата од Саудиска Арабија за последните измени во Кривичниот законик кои предизвикаа лавина реакции во македонската јавност поради намалувањето на затворските казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување по кој основ беа обвинети повеќе високи функционери од поранешната власт. Министерот Лога деновиве достави и предлог на амнестија на сторителите на полесни кривични дела заради растоварување на капацитетите во македонските затвори.

Саудиска Арабија пак важи за земја која ги практикува строгите шеријатски закони во сите сфери па и во кривичното право. Шеријатот е збир на прописи од областа на верското и световното право, врз чија основа се уредени односите во исламската заедница и неговото толкување е дадено во форма на правна наука. За низа кривични дела предвидена е егзекуција која обично се врши со обезглавување со меч и бесење, но повремено може да се изврши со пукање или стрелање. Саудиска Арабија врши јавни егзекуции.

Министерот за правда на Саудиска Арабија, Мухамед Ал-Самани на колегата Лога му посочил дека од престолонаследникот, принцот Мухамед бин Салман, преземале обврска за да ги поправат и унапредуваат односите со сите земји, истакнувајќи подготвеност за соработка и поддршка за процесите во правосудство.

-Се дискутираше за последните промени низ кои поминало правосудството во Саудиска Арабија, истакнувајќи го формирањето на посебни сектори во секој суд за правна помош за граѓаните, подигнување на нивото на транспарентноста, ограничување на процесите до три месеци за решавање на проблемите. Главен акцент се ставаше на процесот на дигитализација и електронско работење во целиот правосуден систем со што освен ефикасноста на работа, расте и транспарентноста бидејќи странките со ова ќе имаат видливост во сите чекори и фази на судските процеси, соопшти Министерството за правда.

Саудискиот министер го покани министерот Кренар Лога во официјална работна посета, а повтори дека тој лично и министерството со кое раководи ќе бидат отворени за соработка и поддршка во надминување на сите предизвици.

Саудиска Арабија е апсолутна монархија каде кралот комбинира законодавни, извршни и судски функции и кралските декрети ја формираат основата на законодавството на земјата. Кралот е исто така премиер и претседава со Советот на министри на Саудиска Арабија и Советодавното Собрание на Саудиска Арабија.

Двајцата министри за правда на средбата си размениле и пригодни подароци за кои Министерството не соопшти повеќе детали туку само ги испрати фотографиите.

Министрите Лога и Валет Мухамед Ал-Самани разменија подароци/Фото: Министерство за правда
Министрите Лога и Валет Мухамед Ал-Самани разменија подароци/Фото: Министерство за правда
Министрите Лога и Валет Мухамед Ал-Самани разменија подароци/Фото: Министерство за правда

Потоа саудискиот министер за правда оствари средба со претседателот на Собранието Талат Џафери на која била нагласена потребата од интензивирање и на парламентарната соработка.

Дипломатски и економски релации со Саудијците

Минатата година министерот за надворешни работи Бујар Османи престојуваше во прва официјална посета на Кралството Саудиска Арабија, на ниво на министри за надворешни работи. Целта на посетата беше понатамошно унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Кралството Саудиска Арабија, со посебен фокус на соработката во областа на економијата, туризмот и бизнис релациите меѓу двете земји.

Во 2019 година македонското МНР реагираше до Кралството Саудиска Арабија бидејќи на визите кои ги издавала Амбасадата на Саудиска Арабија во Тирана на муслиманите кои се подготуваат да заминат на аџилак во графата за државјанство пишувало Поранешна Југословенска Република Македонија, наместо веќе променетото уставно име „Република Северна Македонија“.

Претходната година, односно во февруари 2018-та екс премиерот Зоран Заев се сретна во Скопје со бизнис делегацијата од Саудиска Арабија и ја претстави државава како добра бизнис дестинација за инвеститорите од Саудиска Арабија. Саудиските бизнисмени остварија средби со македонските бизнисмени во Стопанската комора на Македонија, а се сретнаа и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во далечната 2014 година тогашниот премиер Никола Груевски со владина делегација во потрага по инвестиции престојуваше во Ријад на прва политичко – економска средба на високо ниво од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Кралството Саудиска Арабија во 1995 година.

Саудиска Арабија е најголем светски извозник на нафта и летово најави натамошни намалувања на производството на нафта, што предизвика големи тензиите пред се во односите меѓу САД и Саудиска Арабија.

На почетокот на август годинава саудискиот град Џеда беше домаќин на мировен самит за Украина на кој беа поканети дипломати од околу 40 земји меѓу кои и Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка и некои од заливските земји богати со нафта кои се обидоа да одржат добри односи и со Украина и со Русија за време на војната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот