Саудиска Арабија вели дека без палестинското прашење нема преговори со Израел

Фајсал бин Фархан Ал Сауд / Фото EPA-EFE/STIAN LYSBERG SOLUM

Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен истакна дека не може да има нормализација на односите со Израел без решение за палестинското прашање.

На прашањето дали може да се постигнат нормални односи без пат кон кредибилна и неповратна палестинска држава, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд изјави: „Тоа е единствениот исправен начин. Затоа, да, бидејќи ни треба стабилност, а стабилноста ќе дојде само преку решавање на палестинското прашање“.

Коментарите на министерот за надворешни работи беа дел од интервјуто снимено за време на Светскиот економски форум одржан во Давос, Швајцарија минатата недела, а кое беше синоќа прикажано на Си-Ен-Ен.

Деескалацијата на конфликтот во Газа и запирање на смртните случаи на цивили е клучен фокус за Саудиска Арабија, истакна министерот.

„Она што го гледаме е дека Израелците ја уништуваат Газа, цивилното население во Газа“, рече тој. „Тоа е тотално непотребно, тотално неприфатливо и мора да престане“.

Локалното Министерство за здравство на Газа соопшти дека повеќе од 25.000 Палестинци се убиени, а повеќе од 62.000 се ранети во израелските напади врз регионот од 7 октомври, кога Израел беше нападнат од палестинска милитантна група Хамас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот