Самостојна изложба со интензивен, искрен и посветен уметнички фокус ќе биде отворена во Њујорк

Галерија „АП Спејс“ во Њујорк

Македонската уметница Марија Павловска со самостојна изложба ќе се претстави во галеријата „АП Спејс“ во Њујорк. Отворањето на изложбата ќе се одржи на 16 март, а поставката ќе може да се види до 11 април 2024 година.

Претставувањето е поддржано и се реализира во соработка со Фондацијата „Моника“ и „Мана контемпорари“ од Њујорк.

Марија Павловска е современа уметница која неодамна ја доби наградата „Леонардо Да Винчи“ на фондацијата „Ефето арте“ за меѓународна активност и присуство на меѓународниот уметнички пазар.

Во известувањето за нејзината изложба во галеријата „АП Спејс“ во Њујорк е истакнато дека ќе бидат прикажани дела што ги изработила во изминатите 20 години, од нејзини најрани дела на хартија до неодамнешните монументални, големи платна, следејќи ја еволуцијата на нејзината уметничка работа.

„Можноста да се работи со Марија во овој момент од нејзината кариера е голема привилегија“, истакнува Жан Парк, основач на галеријата „АП Спејс“.

– Во нејзината концептуално наелектризирана, естетски смела уметност е бескомпромисна во изведбата. Таа користи поларизирани црно-бели бои, карактеристична е со специфичен експресивен стил кој е единствен, како во Балканскиот регион, така и во меѓународни размери. Нејзините живи слики – составени од впечатливи, непостоечки потези – ги покриваат поларизираните спротивности: светло и темно, полно и празно, црно и бело.

Работата на Марија го носи истиот интензивен, искрен, посветен фокус што е толку очигледен во нејзината личност. Таа има развиено способност да комуницира длабоко преку чисто линеарно, гестално движење кое ги составува нејзините слики. Нагласената енергија на нејзиното уметничко дело изгледа спонтана, но всушност, е резултат на промислено проучување, создавање дејства и одговори кои се случуваат во делото во одреден временски период. На едно платно или серија цртежи може да им требаат месеци за целосно да се реализираат и да ја носат таа концентрација на мисла и акција, а ние со нетрпение очекуваме да ја пренесеме нејзината уметност до пошироката јавност – истакнува Жан Парк.

Марија Павловска е уметница во подем со две и пол децении континуирано присуство на европската современа уметничка сцена и активно присуство на меѓународно ниво во САД и во Азија. Од Скопје до Љубљана, Белград, Виена, Берлин, Париз, Њујорк, Манила, Мајами, Венеција и Фиренца, темите во нејзиното уметничко портфолио се движат помеѓу поларизацијата и глобализмот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 221, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот