САД со поддршка од 2,9 милиони евра за Грција за справување со миграциското прашање и Ковид-19

Грција и САД ќе сторат сѐ што е потребно за миграциското прашање да не стане извор и алатка на нестабилност во нашиот регион, рече Кумуцакос.

За заштита од Ковид-19 во центрите за бегалци и мигранти на грчките  острови и за подобрување на условите за живот на децата бегалци без придружба кои што се во Грција, ќе се искористи, во соработка со УНХЦР Грција и ИОМ, американската помош од 2,9 милиони долари, соопштуваат од Министерството за миграција и азил на Грција, по средбата меѓу надлежниот министер и амбасадорот на САД во Атина.

За финансиската помош за справување со двојниот, комбиниран предизвик: миграциското прашање и пандемијата, алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос денеска одржа средба со американскиот амбасадор Џефри Пајат, на која присуствуваа и шефовите на УНХЦР и ИОМ во Грција, Филипе Леклер и Џанлука Роко, јави дописничката на МИА од Атина.

Кумуцакос по средбата истакна дека двете земји ќе сторат сѐ што е потребно за миграциското прашање да не стане извор и алатка на нестабилност во регионот и додаде дека денеска бил направен уште еден конкретен чекор „што ги потврдува блиските односи на пријателство и соработка меѓу двете земји”.

– Се договоривме, помошта да се насочи кон справување со предизвиците што се однесуваат на децата бегалци без придружба и комбинацијата Ковид-19 и миграциското прашање на островите. Грција и САД ќе сторат сѐ што е потребно за миграциското прашање да не стане извор и алатка на нестабилност во нашиот регион, рече Кумуцакос.

Американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат рече дека на средбата ја искористил можноста да му честита на Кумуцакос за напредокот на Грција во однос на релокацијата на децата бегалци без придружба, но и истакнал дека САД и партнерите од ЕУ признаваат дека „Грција носи товар на сметка на пошироката меѓународна заедница и ја заслужува целата поддршка што може да се понуди”.

– Имавме добра дискусија околу американската државна помош во износ од речиси три милиони долари за Меѓународната организација за миграција и за УНХЦР за поддршка на нивните активности во Грција, препознавајќи ја тежината што Грција ја има во миграциското прашање, како и за исклучителните предизвици создадени од пандемијата на коронавирусот и потребата да работиме сите заедно, рече Пајат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот