Ретроспективна изложба: Сведоци полни со тежок судбински фатализам

Националната галерија во објектот Чифте амам на 13 октомври го претстави ретроспективниот опус на академскиот сликар Павле Кузманоски. Сликарот Павле Кузманоски досега имал 53 самостојни и учествувал на повеќе од 250 групни ликовни изложби во земјава и во странство.

Во најавата на ретроспективната изложба на Павле Кузманоски е запишано дека „вистинската уметност не е ирационална. Таа е реална, јасна, конкретна, нема лага, кокетирање и манипулирање. Да се занимаваш со уметност, значи да се чувствуваш слободен, да бидеш дете и тогаш кога веќе не си, а пак, да се занимаваш со уметност целиот свој живот, значи да ги ставиш емоциите на отворен простор, да зборуваш од срцето, да ја отвориш душата, заради што публиката ќе те награди и, што е поважно, ќе те запамети“.

Ретроспективната изложба на Павле Кузманоски содржи стотина експонати, портрети на истакнати и знаменити личности, цртежи, мртви природи, акварели, познатите Менади, сведоци, Апокалипсата. Неговите сведоци се полни со тежок судбински фатализам. Ликови што сведочат, но и опоменуваат, порачуваат и потсетуваат на егзистенцијалната ситуација. Верба на уметникот е дека естетското освојување на светот е единствената можност вистински да се хуманизира денешнава цивилизација. Тоа е пораката што ни ја упатува Кузманоски со изложбата во Чифте амам.

Куратор на проектот е Љупчо Маленков, виш кустос во Националната галерија на РСМ. За публиката, изложбата ќе биде достапна до 23 октомври 2020 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот