Ресоцијализацијата на странските борци се уште голем предизвик за Македонија

Затвор Идризово / Фото: МИА

Прифаќањето повратници од странските боишта е голем предизвик за многу понапредни држави од земјите од Балканот меѓу кои и Македонија бидејќи балканските општества во овој момент сепак не се целосно подготвени за квалитетна ресоцијализација на повратниците. Ова главно е заклучокот на безбедносните експерти од регионот кои внимателно и од блиску ги следат осудениците за тероризам вратени неодамна од боиштата на Блискиот Исток, поточно од Сирија.

Потврда за ова е и неодамнешната последната посета на земјава на експертот за човекови права на Обединетите нации, Фионуала Ни Аолаин која оствари средби со владините претставници, членови на судството се со цел одблизу да се запознае со рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците од Блискиот Исток во Република Северна Македонија.

Специјалниот известувач на ОН Фионуала Ни Аолаин ќе презентира извештај за нејзините наоди и препораки до Советот за човекови права во март 2024 година а забелешките во извештајот повеќе од јасно ќе бидат од собраните податоци од фактичките услови во кои овие лица живеат а се осудени за тероризам или поврзаност со терористички оргаизации или финансирање на тероризам од страна на државата.

Во меѓувреме, прифаќањето повратници од странски боишта е голем предизвик и за многу понапредни држави од Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија, коментира во неодамна објавен текст за „Дојче веле“ професорот и декан на сараевскиот факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, Неџад Корајлиќ. Според професорот, балканските општества во овој момент сепак не се целосно подготвени за квалитетна ресоцијализација на повратниците.

– Затворските чувари со само еден психолог или педагог не можат да осигурат квалитетна ресоцијализација. Со лицата што се осудени за тероризам би требало да работат тимови од експерти за криминологија, социологија, психологија – додава Корајлиќ.

Регионалните експерти истакнуваат дека е тешко да се предвиди како некое лице ќе се однесува по отслужената затворска казна и дали може осуден терорист да ги промени ставовите во текот на повеќегодишниот затвор. Прогнозите според повеќето експертски размислувања на оваа тема не се оптимистички, со оглед на кадровските и материјалните ограничувања на надлежните установи на Балканот.

Македонија има стратегија за ресоцијализација на повратниците од Сирија и Ирак

Враќањето на борците на Исламската држава е сериозно прашање, за кое државите од регионот треба да имаат јасна стратегија како ќе бидат третирани тие лица. Во Македонија сè уште нема прецизна бројка колку лица заминале од државата, колкумина од нив загинале на боиштата, ниту, пак, прецизна бројка колкумина се вратени и дали има македонски државјани борци на ИД во странските затвори.

Според непотврдени бројки, процените се дека околу 155 лица од земјава заминале во периодот од 2013 до 2015 година на боиштата во Ирак и во Сирија. Во исто време, државните безбедносни структури имаат некакви процени и анализи за бројот на вратени лица, но она што недостига се зголемени активности во програма за ресоцијализација на овие лица.

Од она што засега е сторено на оваа тема во земјава се сеопфатните државни документи насловени „Национална стратегија за борба против тероризмот за 2018-2022 година“ и „Стратегија за спречување насилен екстремизам“.

Некои податоци не се споделуваат со јавноста за да не се создава паника и недоверба, посебно кога се работи за безбедноста на граѓаните, вели за РСЕ националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски.

Во моментов во земјава, според него, има од седумдесет до осумдесет повратници од странските боишта, а пет македонски државјани сè уште се во кризното подрачје во Сирија.

„Странските терористички борци, односно повратници, не се само национална закана за Северна Македонија, туку претставуваат и регионална и глобална закана. Но, според досегашните податоци со кои ние располагаме, нема висок ризик на закана во Северна Македонија од повратниците. Значи од скалата на 1 до 5, заканата е 2“, вели Апостолски.

Последните големи анти-терористички акции во земјава беа спроведени во два наврати, во август и декември во 2020 година кога во Скопје и во Куманово беа уапсени 11 македонски државјани. Се работеше за членови на иста организација, основана на идеолошките основи на Исламска држава. Целта на уапсените, како што тогаш соопшти Министерството за внатрешни работи била „убиства и уништување јавни објекти заради внесување страв кај граѓаните“.

Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски досега на неколку пати за „Слободен печат“ посочува дека некои од луѓето кои заминуваат на боиштата на Блискиот Исток за пари, а некои поради идеологија, поради што, според него, вторите се поопасни, зашто се враќаат уште порадикализирани отколку што заминале. Поради сето тоа, тој смета дека казнувањето не е доволно за да се спречи понатамошна радикализација туку е потребна и ресоцијализација во вистинска смисла на зборот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот