Реџепи: Убеден сум дека Алтернатива ќе донесе одлука ставајќи ги државните интереси во прв план
Излезот од политичката криза се предвремени парламентарни избори или промена во парламентарното мнозинство. Партиските тела треба да одлучат за овие две опции ставајќи ги во прв план државните интереси, изјави за „Слободен печат“,Скендер Реџепи пратеник на Алтернатива.
Деновиве ќе биде појасно дали по вчерашниот неуспешен обид на опозицијата за уривање на Владата Алтернатива ќе биде новата партија која ќе го засили владејачкото мнозинство.
-По вчерашниот ден имаме нова ситуација на политичката сцена. Државата се наоѓа во тешка политичка криза, треба да се донесе буџетот и месецов и во декември ни претстојат крупни политички чекори. Сега имаме два излеза од оваа криза, а тоа се предвремени парламентарни избори или промена во парламентарното мнозинство. Овие денови партиските тела треба да одлучат за овие опции ставајќи ги во прв план државните интереси. Убеден сум дека ќе се донесе соодветна одлука, вели пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи.