Реакции по смртта на Кралицата Елизабета

кралица елизабета втора
Кралица Елизабета ВтораФото: EPA-EFE/STR UK OUT - SHUTTERSTOCK OUT

Британската кралица Елизабета Втора почина во четвртокот на 96-годишна возраст. Претходно денеска Бакингемската палата објави дека лекарите се загрижени за здравјето на 96-годишната британска кралица и дека таа е под лекарски надзор.

Веднаш по објавата на лекарот, членовите на кралското семејство побрзаа во нејзиниот дом во Шкотска, замокот Балморал, каде што кралицата летуваше.

Кралицата Елизабета Втора беше најдолговечниот британски владетел и најстариот монарх во светот. На почетокот на оваа година, кралицата Елизабета ја прослави својата 70-та година на тронот.

ВИДЕО | Обраќање на новата британска премиерка: Кралицата беше пример за сите, ова е голема загуба за нас

Канадскиот премиер: Нејзината служба ќе остане важен дел од историјата на нашата земја

„Со тешко срце дознавме за смртта на најдолготрајниот канадски суверен, Нејзиното Височество кралицата Елизабета Втора. Таа беше постојано присутна во нашите животи – и нејзината служба за Канаѓаните засекогаш ќе остане важен дел од историјата на нашата земја “, рече канадскиот премиер Џастин Трудо.

Макрон: Ја паметам како пријател на Франција

„Нејзиното височество кралицата Елизабета Втора го отелотвори континуитетот и единството на британската нација повеќе од 70 години. Ја паметам како пријателка на Франција, љубезна кралица која остави траен впечаток на својата земја и нејзиниот век“, рече францускиот претседател Макрон.

Се огласи новиот британски крал

Чарлс, новиот британски крал се огласи преку Твитер. Денешниот ден го опиша како момент на најголема тага за него и за сите членови на неговото семејство.

Зеленски: Нашите мисли и молитви се со кралското семејство

Изјава даде и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Со длабока тага дознавме за смртта на нејзиното височество кралицата Елизабета Втора. Во име на народот, изразуваме искрено сочувство до кралското семејство, целото Обединето Кралство и Комонвелтот за оваа непоправлива загуба. Нашите мисли и молитвите се со тебе“.

Бил Клинтон: Таа ја водеше Британија со беспрекорна благодат, достоинство и вистинска грижа

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се заблагодари на „необичниот живот на покојната кралица“.

„За време на нејзиното извонредно 70-годишно владеење, таа ја водеше Британија низ трансформации со непрекината благодат, достоинство и искрена грижа за благосостојбата на целиот нејзин народ.

Тони Блер: Го загубивме не само нашиот монарх, туку и матријархот на нашата нација

„Го изгубивме не само нашиот монарх, туку и матријархот на нашата нација, фигура која повеќе од која било друга ја спои нашата земја, не одржуваше во контакт со нашата подобра природа, олицетворение на сè што не прави горди што сме Британци“, рече поранешниот премиер Тони Блер.

Шарл Мишел: Нашите мисли се со кралското семејство

„Нашите мисли се со кралското семејство и сите оние кои ја оплакуваат кралицата Елизабета Втора во Обединетото Кралство и ширум светот. Некогаш наречена Елизабета Постојана, таа секогаш ни ја покажувала преку нејзината служба и посветеност важноста на трајните вредности во модерен свет“, рече Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

Се очекува обраќање на новата британска премиерка Трас

Се очекува новата британска премиерка Лиз Трас да и се обрати на јавноста наскоро откако Бакингемската палата ја објави веста за смртта на кралицата.

Знамињата се на половина копје, а подиумот се подготвува за јавното обраќање во Даунинг стрит.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот