Разговор со проф. м-р Васил Атанасов: Високи креации може да се остварат само со најдобрите уметници

Два скопски камерни оркестри, Скопски солисти и Скопски дувачки квинтет, годинава ги одбележаа своите јубилеи, а заедно со уметничкиот раководител Васил Атанасов направивме пресек на нивното опстојување и концертни активности.

Уметничкиот раководител на камерните оркестри Скопски солисти и Скопски дувачки квинтет, проф. м-р Васил Атанасов, може да биде задоволен од учинокот на двата оркестри во последниов период. Двата оркестра ги одбележаа своите јубилеи со концертни настапи пред публика, додека Скопскиот дувачки квинтет ја доби и наградата „Златна лира“ на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Како солист – прв обоист во оркестарот на Филхармонија, Атанасов најголем дел од своето време го поминува со подготовката и концертите со Македонската филхармонија, но тоа не му пречи да има сериозен ангажман и со двата, мошне значајни, камерни оркестри кај нас.

Камерниот оркестар Скопски солисти на македонската музичка сцена се појави во 2000-та година. Интенцијата на овој ансамбл е да презентира камерна музика, од барок до современа музичка литература, со истакнато чувство и респект кон македонското музичко творештво. Со ансамблот досега соработувале најпознатите македонски репродуктивни уметници.

Скопскиот дувачки квинтет постои повеќе од четири децении и претставува дел од една традиција на камерна дружба меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. Во сегашниот состав на квинтетот настапуваат Марија Јакимовска (флејта), Васил Атанасов (обоа), Ристо Ѓоревски (кларинет), Орце Ицковски (фагот) и Александар Гошев (хорна).

Скопски дувачки квинтет

Годинава Скопскиот дувачки квинтет ја доби наградата „Златна лира“ на СМУМ. Најубави се наградите што стигнуваат од својата фела. Како вие ја доживеавте наградата?

– Навистина е така, најубави и највредни се наградите од своите колеги, во случајот Сојуз на музички уметници на Македонија. Тоа беше вистинско изненадување, но и во ова време на пандемија, кога речиси сѐ беше замрено, наградата дојде во вистинско време, бидејќи таа е награда за долгогодишната активност, а квинтетот ја заслужува затоа што е најстариот камерен состав кај нас.

Квинтетот опстојува повеќе од 40 години, а вие со него раководите во последниве 18 години. На кој начин опстојуваат камерните состави од овој тип?

– Јас бев најмладиот член кој влезе во првиот состав на квинтетот и сосема е нормално од професионални причини, поради возраст на членови, составот да се пополни правовремено. Начинот за да опстои квалитетен камерен состав е деликатен, бидејќи ваков состав, како квинтетот, треба да биде составен од членови со ист или сличен уметнички квалитет, ниво и сензибилитет, да размислуваат исто или многу слично, да дишат како еден. Не е едноставно, но ентузијазмот и желбата за нови дострели и презентација на камерната музика е многу голема и затоа успешно опстојуваме.

Колку ковид-кризата делуваше на намалување на активностите на квинтетот, или напротив поттикна на поголема посветеност, ентузијазам и професионализам во музицирањето?

– Ковид-кризата се одрази многу негативно на целокупната музичка уметност, бидејќи во сите музички институции работата е колективна. Освен гудачи, во оркестарот на Филхармонија има и дувачи – мешан состав, а составот на операта е уште покомплексен – оркестар, хор, балетски ансамбл, сценска техника итн. Скопскиот дувачки квинтет имаше мала пауза во овој период, но сепак, ние вежбавме индивидуално, бидејќи не чекаа неколку настапи на битни настани, како фестивалот „Златна лира“, Денови на македонска музика 2020, настап со Скопски солисти. За жал, гостувањето во Турција моравме да го откажеме поради пандемијата.

Камерен оркестар Скопски солисти

Во слична ситуација е и камерниот оркестар Скопски солисти, кој прославува 20 години постоење. Која е Вашата функција во однос на овој оркестар?

– Камерниот оркестар Скопски солисти го прослави својот јубилеј 20 години уметничка дејност, што за среќа ни успеа во октомври, покрај двете одложувања претходно. Посебно сум задоволен што, покрај сите проблеми поради пандемијата, настапи и нашиот тенор со светски глас, Благој Нацоски, а секако и нашите врвни уметници примадоната Весна Ѓиновска-Илкова, сопран, и виртуозниот обоист Томе Атанасов. Инаку, јас сум основач на Скопски солисти со една група мои почитувани колеги и сум уметнички раководител. Ансамблот, всушност, е спој на искуство, младост и квалитет, но и голема желба да се негува камерната музика. Заедно со уметничкиот совет ја оформуваме годишната програма, ги дефинираме диригентите, солистите, делата и, секако, моја обврска е организација на нормалната работа, планирање проби, обезбедување партитури, нотни материјали и сѐ што треба за нашата работа, како и соработката и гостувањата во странство. Воедно, сум во координација со музичките институции, како Филхармонија, Опера, Дирекција за култура и уметност и други, за да не се поклопуваат термините за концертни настани, што е многу важно, како за нас така и за публиката.

Колку врвните македонски музички уметници го имаат своето место во општеството. Со кои препреки како музичари најчесто се соочувате?

– За жал, според мое мислење, ситуацијата не е баш наклонета кон врвните македонски уметници, бидејќи премногу замав зема политиката, наместо професионализмот, а просечноста станува репер и тоа е погубно. Проблемите се појавуваат веднаш штом ќе предочите неправилности во работењето на раководно лице во која било институција или фестивал, или појава на низок професионализам, ниско ниво на кандидат за време на прием на аудиции за вработување, неизбалансиран репертоар, потоа веднаш следува изземање од стручните комисии, се појавуваат пречки за вашите настапи, послабо финансирање на вашите проекти, сопки, подметнувања, а тоа за уметноста е неприфатливо!

Мора да ја надминеме оваа состојба со заеднички сили, а посебно апелирам до Министерството за култура да ги ангажира врвните уметници во стручните комисии и тела за да може да се стремиме кон повисоки стандарди, критериуми, ниво на изведби, нови дела од светската ризница, како и од македонските автори, поголеми шанси да им се дадат на младите и квалитетни уметници и, секако, повисоки примања, како награда за високите уметнички креации. Сето тоа ќе го оствариме само со најдобрите, признаени и докажани уметници.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот