Разговор со оперскиот пеач Иван Наумовски: Никогаш не сум заборавил од каде доаѓам

Елена Атанасовска Ивановска и Иван Наумовски на концертот во Скопје

Рециталот со наслов „Песни од патување“ на оперскиот пејач Иван Наумовски, кој живее и работи во Виена, со пијано придружба на Елена Атанасовска Ивановска, со силна возбуда кај публиката беше проследен на 16 јуни во Музејот на македонската борба.

Македонскиот бас-баритон Иван Наумовски речиси секоја вечер настапува на оперската сцена во Виена. Интензитетот на неговиот професионален живот таму не му остава многу простор за настап во матичната земја.

Токму затоа концертниот рецитал со наслов „Песни од патување“, што на 16 јуни се одржа во Скопје, беше вистински магнет за публиката, која со голема возбуда го проследи настапот на Иван Наумовски придружуван од пијанистката Елена Атанасовска Ивановска. На концертот беа присутни композитори, професори и студенти од ФМУ, како и многубројна публика што ја сака класичната музика.

„Културен печат“ оствари средба со Иван Наумовски, а тој на нашите прашања одговараше јасно, концизно и прецизно.

Како се појави можноста да се реализира концертот со наслов „Песни од патување“ во Музејот на македонската борба во Скопје?

– За средствата што ни се обезбедени да го реализираме овој проект, останува да се заблагодариме на македонското Министерство за култура, како и за довербата што ни ја дадоа со одобрување настан од овој карактер. Програмата беше спремна, желбата беше тука и кога го добивме позитивниот одговор, ни остана само да го испланираме датумот и местото каде ќе се одржи. Музејот на македонската борба го избравме од причина што е најсоодветен за еден интимен настан од овој вид и одлично се совпаѓа со програмата. Впрочем, беа планирани и македонски композиции, и затоа се решивме соодветно да се поврзе програмата со салата во музејот.

Глаголот „патува“ е нешто што е дел од мене веќе подолго време како уметник што живее во странство

Како да го толкуваме зборот патување во насловот, за физичко или за духовно патување станува збор?

– Физичкото патување е присутно во одреден дел од композициите, но во повеќето песни доминантна е духовната и психолошката страна на композициите. Насловот „Песни од патување“ го избрав затоа што во програмата беа изведени дел од циклусот „Песни од патување“ од Ралф Вон Вилијамс, и јас лично емотивно се поврзав со нив, и глаголот „патува“ е нешто што е дел од мене веќе подолго време како уметник што живее во странство. Самиот чин за почеток на изведување на овој рецитал со уметнички песни е моето физичко патување во Македонија, во мојот дом и насловот може да се каже дека е дел од мене и мојот живот. Од првата до последната уметничка песна протагонистот (јас) треба да раскаже многу приказни на повеќе јазици и да осети едно виножито од емоции. Повеќе би рекол дека патувањето е ментално, психолошко, потсвесно, исполнето со емоции, како носталгија, љубов, тага, фрустрација, немоќ, потсмев, иронија и меланхолија.

Покрај светските класици, на програмата имаше дела и од македонски композитори (Дарија Андовска, Горан Начевски и Томислав Зографски). Што беше пресудно за изборот на нивните дела?

– Пресудна беше личната сатисфакција да одекне македонската песна и македонскиот јазик да се слуша и да биде присутен и во класичната музика. Јас лично сум љубител на македонската народна песна и култура, и во овие македонски композиции има трага од нашето фолклорно наследство. Композиторите си оставаат свој печат, но таа јужна македонска енергија, која лично ми прави сатисфакција, е присутна.

Композицијата „Со маки сум се родил јас“ на композиторката проф. м-р Дарија Андовска сакав да ја изведам за да ги заокружам оние три композиции што таа ги има напишано за мојот глас. Две композиции од нив изведов со маестро Симон Трпчески пред две години, и еве сега ги комплетирам и воедно сакав да ја имаме првата македонска премиера на оваа композиција.

Композицијата „Параходот“ ми е една од најомилените македонски фолклорни песни. Композиторот проф. д-р Горан Начевски ја адаптираше лично за мене, и сакав да му изразам особена благодарност и да му направам чест со изведбата.

Композицијата „Марика мома убава“ на нашиот композиторски маг Томислав Зографски е едно култно дело во македонската литература, кое од секогаш имав желба да го изведам.

Има ли дополнителна комуникација со современите композитори, како Андовска и Начевски, пред/при изведбата на нивните дела?

– Да, секогаш. И треба да има од моја гледна точка, зашто може многу да се научи за композицијата. Сите прашања ќе му бидат одговорени на уметникот ако соработува заедно со композиторот. Таа заедничка соработка, исто така, претставува еден темел за градење мост и создавање. Јас сум многу љубопитен во врска со делата што ги изведувам, амбициозен сум и секогаш сакам да се претставам во најдоброто светло. Техничката изведба од аспект на пеењето е само моја задача, но интерпретацијата и заедничкото дишење на сцената со пијанистката проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска е есенцијална за атмосферата и енергијата што таа песна би ја испорачала. Затоа најдобро е да се соработува со композиторот за да се стигне до целта да се доведе таа композиција музички, стилски и карактерно до перфекција.

Многу сум љубопитен во врска со делата што ги изведувам, амбициозен сум и секогаш сакам да се претставам во најдоброто светло

Дали делата од македонските композитори се дел од програмата и на концерти што ги изведуваш во странство?

– Обично концертите што најчесто ги изведувам се со карактер од германското говорно подрачје, каде што нема многу простор за друг репертоар. Но сепак, јас никогаш не сум заборавил од каде доаѓам и симболот што јас го претставувам, и секогаш кога имам можност ја пеам македонската песна, го правам тоа. Композицијата „Параходот“ ја изведов на еден вокален натпревар во Австрија и на мојот екстерен дел од завршниот магистерски испит на државниот универзитетот во Виена (MDW), додека, пак, композициите „Си заљубив едно моме“ и „Сношти минав покрај вази“ ги изведов, исто така, на екстерниот дел на мојот завршен магистерски испит, и верувајте ми сите беа воодушевени од македонскиот мелос.

Каква е твојата агенда на концерти во наредниот период?

– Искрено, едвај одвоив 12 дена во јуни да се вратам за реализацијата на овој рецитал. Секој ден во јуни, јули и август имам концерти во Виена со многу ретки одмори. Ова лето ќе настапам повеќе од 60 пати во Виена во шест различни палати, а планот за септември сѐ уште го чекам со термини. Колку и да е напорно, јас не се жалам, напротив знам колку сум благословен и среќен затоа што го правам она што го сакам. Здравје, наесен ќе објавам јавно убави вести за следните настапи во претстојниот период и следната 2023-та, но засега би сакал да бидам малку таинствен.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот